Шумската полиција на протест, министерот Николовски не ги прими на средба

0
301

Шумските полицајци веќе со часови протестираат во Скопје, најпрво пред Владата, а потоа пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, барајќи средба со министерот Љупчо Николовски.

Но, се чини ниту Николовски ниту раководителката на Секторот за шумска полиција, Аница Симонова, како и ниту раководителот на Секторот за човечки ресурси и посебниот советник на министерот, Трајче Ангеловски, немаат време да разговараат со претставниците на шумските полицајци.

Шумските полицајци протестираат поради противењето на МЗШВ да им ги потпише ветуваните колективни договори, премалата плата од 16 800 денари со вклучена хранарина и патарина, скратените ноќни смени, скратените прекувремените саатнини и работата во турнуси.

Тие бараат унапредување на условите за работа, односно бараат бенефициран стаж, покачување на платата за 30%, права еднакви на оние кои ги имаат сите овластени службени лица, како и нов Закон за шумска полиција, како што имаат АРМ и МВР.

Од Шумската полиција велат дека колективниот договор е поднесен уште во 2018 година за потпишување во МЗШВ, но досега не е потпишан поради одлагање од министерството. Од МЗШВ, наводно, бараат повлекување на тужбите кои шумските полицајци ги имаат поднесено против министерството, а за возврат од МЗШВ ќе им биде потпишан колективниот договор.

Ланското ветување на министерот Николовски беше дека до крајот на мај 2018 ќе завршат преговорите за потпишување колективен договор со Шумската полиција, дека ќе се евидентираат прекувремените работни часови и дека Шумската полиција ќе има активна улога во измените и дополнувањата на Законот за шуми.

Од Шумската полиција велат дека ризикот на нивната работа е еднаков како оној на АРМ и МВР, а спротивно на тоа немаат соодветни услови ниту опрема за работа за нивна заштита на терен.

Коментирај