Шпанецот Парондо ќе го наследи Раул Гонзалес на клупата на Вардар

0
212

Шпанецот Роберто Гарсија Парондо, кој му беше помошник на Раул Гонзалес за време на Европското првенство во Хрватска, ќе го преземе кормилото на освојувачот на ракометната Лига на шампионите од следната сезона, кога неговиот сонародник ќе го води Пари Сен Жермен.

„Многу сум среќен што добивам шанса да бидам дел од европскиот првак Вардар. Верувам дека довербата ќе може да ја оправдам преку резултатите. Да се биде дел од тим што зад себе има таква спортска традиција и постигнати одлични резултати е голем предизвик за мене. Вардар веќе го чувствувам како свој дом, тука сум речиси една сезона и условите што ни ги дава клубот ми даваат право да се надевам на успешна соработка. Сега сум целосно посветен кон обврските во женската екипа на Вардар и сакам со успех да ја завршиме сезоната пред да ја преземам машката екипа. И покрај ангажманот во женскиот тим, доста сум запознаен и со работата на машкиот и затоа очекувам брзо да се вклопат во таа приказна, исто така и екипата да ме прифати мене и мојот начин на работа. Високите резултати секогаш ќе бидат наш приоритет, за клубот да остане онаму каде што е – во самиот европски врв“, изјави идниот тренер на „црвено-црните“.

Парондо и Ирина Дибирова сезонава ги водат ракометарките на Вардар, единствена екипа без пораз сезонава во ЛШ, а минатото лето помагаше и во подготовката на машката младинска репрезентација за Светското првенство во Алжир.

Во својата играќка кариера тој ги бранеше боите на шпанските екипи Валјадолид, Адемар Леон и Сиудад Реал, како и за унгарските ПИК Сегед и Будакалаш. Со Адемар Леон триумфира во Купот на победници на купови во 2005 година, со ПИК Сегед го освои Купот на ЕХФ, а со Атлетико Мадрид бера најдобри во Супер глоуб во 2012 година.

Како репрезентативец на Шпанија има златен медал од Медитерански игри во 2005 година, седмо место од СП 2007, а во својот последен настап за „фуријата“ на големо натпреварување на ЕП 2012 во Србија завршија на четвртото место.

Expres.mk

Коментирај