Шест години затворска казна за Бобан Илиќ за смртта на малиот Алмир

0
652

Кумановскиот суд му изрече 6 години затворска казна на 30 годишниот Бобан Илиќ кој со своето возило на 25 јуни 2016 година го усмрти четиригодишниот Алмир Алиу по банална расправија со неговиот татко.

Сами Демири е осуден на условна казна од 9 месеци, а Седат Алиу на 6 месеци условна казна. Судијката рече дека сите заедно придонеле да се случи последицата, односно смртта на Алмир.

Адвокатот на семејството Алиу, Асмир Алиспагиќ, рече дека станува збор за монтиран случај. Според него, Илиќ е монструозен убиец кој не чувствува никаква морална одговорност. Тој рече дека против пресудата ќе биде вложена жалба. Тој вели дека има сериозни пропусти во судската постапка.

Првично, Илиќ беше обвинет за „Убиство со умисла“, но откако Обвинителството достави две нови вештачења, кумановскиот суд го преквалификуваше делото во „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Ваквата одлука на судот беше бурно проследена од страна на јавност за што беа одржани и неколку протести во Скопје и Куманово. Семејството на Алмир побара одновно да започне главната расправа, но судот не прифати обновување на процесот. Бобан Илиќ првично беше притворен, но по преквалификувањето на делото беше пуштен на слобода.

Обвинителката изјави дека тој направил сообраќајна несреќа со што ја загрозил безбедноста на пешаците возејќи со речиси 40 километри на час. Ваквата одлука исто така предизвика бурни реакции и во Јавното обвинителство каде четворица обвинители изјавија дека одлуката за преквалификација е неоснована. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески најави дека целата постапка ќе биде разгледана од етичкиот совет.

Коментирај