Шчербак: Протерувањето на дипломат е сериозен непријателски чин, Москва ќе возврати адекватно

0
805

Протерувањето на еден дипломат во дипломатијата се смета како сериозен непријателски чекор, но Русија е постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации и нашиот одговор ќе биде добро промислен од сите страни и адекватен.

Одлуката на македонските власти да протераат руски дипломат предизвикува чувство на жалење. Оваа одлука има неоснован карактер и е без преседан за целата историја на руско-македонските односи, изјави рускиот амбасадор Олег Шчербак по одлуката на МНР да протера руски дипломат.

– Претставниците во Скопје одлучија да го преземат овој непријателски чекор во однос на нашата земја под влијание однадвор, но тоа не ги ослободува македонските власти од негативните последици во однос на билатералните односи, рече Шчербак.

Истакна дека оваа избрзана и, според него, кусогледа одлука се коси со декларираните официјални ставови за развој на конструктивни и заемно добри односи со Русија.

Во однос на тоа какви чекори ќе преземе Русија како одговор на протерувањето на руски дипломат од страна на Македонија, Шчербак рече дека Русија има стара традиција во дипломатијата и оти нема традиција да брза во одлуките и чекорите кои ќе ги преземе.

-Во дипломатијата протерување на дипломат е сериозен и непријателски чекор и во свое време ќе вратиме со наш одговор. Но, овој одговор ќе биде адекватен и добро промислен од сите страни, истакна Шчербак.

Рускиот амбасадор истакна дека Македонската страна сѐ уште не доставила никакви докази за тврдењата дека рускиот дипломат вршел дејности надвор од својот дипломатски мандат.

Тој пред македонските медиуми изјави дека Русија ги отфрла сите обвинувања за случајот „Скрипал“, труење на татко и ќерка руски државјани во британскиот град Солзбери.

„За жал, британските власти наспроти сите акти на меѓународото право ги одбиваат сите повици за истрага и поведуваат голема меѓународна кампања против нас и неосновано протеруваат руски дипломати од повеќе земји од светот и најавуват санкции“, додаде Шчербак.

Ова следува откако македонското МНР во понеделникот објави дека протерува еден руски дипломат во консултации со ЕУ и НАТО, а во солидарност со Велика Британија поради случајот „Скрипаљ“. Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, пак дообјасни дека протерувањето е и поради заштита на безбедносните интереси на земјава, бидејќи дипломатот излегол од рамките на својот мандат и се обидел да се здобие со класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија.

Претседателот Ѓорге Иванов веднаш реагираше со изјава преку која повика на воздржаност и посочи дека одлуката за протерување на дипломатот е избрзана.

Коментирај