Шампионот МЗТ Скопје Аеродром се засили со НБА играч!

0
88

МЗТ Скопје, го ангажира првото странско засилување во пресрет на новата сезона, откако потпиша договор со кенискиот интернационалец Нуни Омот.

Има 24 години, висок е 206 см, и доаѓа од филијалата на Бруклин Нетс од НБА лигата.

Според голем број американски стручњаци, станува збор за исклучително квалитетен крилен центар, кој одлично се снаоѓа и на позицијата „3“ и за кого не би било чудно ако во блиска иднина заврши во тим од најсилната лига во светот.

Тој веќе знае како е да се биде дел од НБА-екипа, со оглед што минатото лето прво настапи на пет средби во Летната лига во дресот на Голден Стејт Вориорс, а потоа беше дел од тренинг кампот на Бруклин Нетс и играше за овој тим во претсезонски меч против Њујорк Никс.

Во дресот на вториот тим на Бруклин нетс, новото засилување на аеродромци настапи на 44 средби со просек од 5,5 поени и 2 скока. Претходно, имаше и повеќе од солидна универзитетска кариера во дресот на Бејлор универзитетот, за кој играше и доскорешниот кошаркар на МЗТ, Лестер Медфорд.

Омот во последната сезона во НЦАА-лигата на 34 средби имаше просек од 9,9 поени, 3,6 скока и 1,7 асистенции по натпревар.

Кениецот е осмиот кошаркар кој во моментов е под договор со тимот од „Јане Сандански“, откако претходно беа ангажирани Кристијан Николов и Бојан Крстевски, а беа обновени договорите со Андеј Магдевски и Андреј Маслинко.

Од минатата сезона обврски кон актуелниот првак имаат Дамјан Стојановски, Марко Симоновски и Ранко Мамузиќ.

Тренерот Ѓорѓи Кочов ќе продолжи да ја предводи екипата и во следниот период.

Коментирај