Се сеќаваме на еден поинаков летен распуст поминат на село кај баба и дедо, многу забава и слобода

0
267

Децата останаа на летен распуст. Пауза од школските клупи, од книгите, од тестовите, од испрашувањата. Но, распуст не е распуст ако немаш спомени кои ќе можеш да ги раскажуваш со години, да се сеќаваш на нив, да сакаш барем за миг да се вратиш назад.

Носталгија за едно убаво време. Време кога децата не бараа ништо. Време кога децата се радуваа на ситници, на мали работи. Кога желбите беа скромни.

Најпосакувана желба за летниот распуст на децата од минатото им била истиот да го поминат на село кај баба и дедо.

Слобода, чист воздух, природа, многу доживувања, многу игри и забава.

-Се сеќавам, не спиевме со сестра ми таа вечер пред да не однесат на село кај баба и дедо од среќа. Со нетрпение чекавме да се раздени и да не однесат. Куќата на баба и дедо се наоѓаше на рид. Автомобилот ќе го оставевме некаде и ќе одиме нагоре. Кое доживување. Природна магија на секоја страна. Уште не сме се приближиле на кај куќата, а веќе од далеку се чувствува миризбата на нешто направено, месено од вредните раце на баба, кои не исчекуваат исто со нетрпение.

И денеска ми стои таа слика пред очи, иако сега имам веќе 40 години. Денот кај баба и дедо на село започнуваше многу рано. Секогаш не будеше песната на петелот од дворот. Светлината пробиваше низ прозорците и одеше директно во нашите очи. Миризбата на тазе направени мекици беше посилна, а помислата дека надвор не чека импровизираната лулашка и дека не очекува уште еден прекрасен ден, не ни дозволуваше да останеме во кревет. Станувавме веднаш, немаше чешма внатре, па одевме надвор да се измиеме со чистата бунарска, студена вода.

Со дедо одевме кај животните. Не ни пречеше што таму мириса. Од некаде ќе извадеше парче суво месо, а баба ќе го подготвеше. И сега сакам да го пробам. Баба постојано имаше скриено по некоја кутија со колачи.

По цел ден бевме надвор. Баба и дедо не ни забрануваа. Најлошиот момент беше кога знаевме дека ќе дојдат родителите да не водат дома и дека од наредниот ден ќе се разбудиме во стан, во четири ѕида… Ех кога би можеле само за миг да се вратиме назада. Кога само за миг денешните деца би можеле да почувствуваат таа убавина, таа магија, таа слобода, која е тешко да се опише. Слобода која мора да се доживее…

Извор:skopjeinfo.mk

Коментирај