СДСМ не ја открива стратегијата, ВМРО-ДПМНЕ бара нови избори

0
668

Политичката ситуација во Македонија и денеска беше причина за партиски препукувања помеѓу двете најголеми политички партии во земјава.

Од Социјалдемократскиот сојуз преку соопштение повторно порачаа дека парламентарното мнозинство ќе ја реализира мнозинската волја на граѓаните и ќе ја спаси државата од хаос, а граѓаните од егзистенцијален крах. Во периодот што следи, истакнаа од партијата, согласно Деловникот, Уставот и законите, ќе биде избран новиот претседaтел на Собранието кој ќе ги закаже локалните избори и ќе отвори пат за формирање на новата реформска влада. Од СДСМ предупредуваат дека ако продолжат блокадите, за три недели следува тотална блокада на државниот систем. Дека наскоро ќе има промени потврди и Петре Шилегов, но и тој не сакаше да открие каква е стратегијата на СДСМ, која сеуште не е видлива и кога ќе се реализира.

„Промени ќе има многу бргу, во многу брза иднина, а парламентарното мнозинство ќе ја преземе одговорноста. Нема да можеме јавно и транспаретно да го соопштиме начинот и терминот. Заради комплексноста на состојбата СДСМ сама ќе процени за терминот. Овој процес, мора да биде изведен до крај мирно и интерес е на Република Македонија да има мирен трансфер на власта. Одговорност за ваквото поведение надвор од политичката, мора да има и за Никола Груевски, како нарачател, и за Трајко Вељаноски и Ѓорги Иванов, како извршители на таквата нарачка. Се доведува во прашање и иднината на државата“, рече Шилегов.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, преку соопштение го оквалификува СДСМ како најголем поттикнувач на „големоалбанските апетити“ во државава и регионот, порачувајќи дека Македонија ќе остане унитарна и мултиетничка држава. Тие повторно го обвинија лидерот на оваа партија Зоран Заев, што не ги осудил инцидентите против македонскиот идентитет и суверенитет и што прифатил двојазичност, промена на знаме, химна и грб, промена на името по грчки терк и федерализација на државата. Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција истакна дека за да дојде на власт, Заев ги прифаќал сите антимакедонски уцени и се согласува на сите отстапки кои одат на штета на државните и националните интереси.

„Заев е убеден дека доколку ја реализира Тиранската Платформа и доколку молчи за симнувањето на македонското знаме, мапите на голема Албанија или изјавите на Зијадин Села, ќе успее да формира Тиранска Влада и да се спаси од кривична одговорност за криминалите што ги има направено. Реализирањето на Тиранската Платформа ќе значи целосна двојазичност на Македонија, промена на знамето, грбот и химната, промена на името по грчки терк и федерализација на државата, што во крајна фаза ќе доведе до растурање на државата. ВМРО-ДПМНЕ апелира криминогената врхушка во врвот на СДС веднаш да ја отфрли Тиранската Платформа и да прифати нови парламентарни избори, на кои граѓаните ќе кажат што мислат за Тиранската Платформа“, изјави Пешевска.

Т.н. Тиранска платформа, но и изјавите и постапки со кои се промовира голема Албанија, а се присутни во земјава и регионот, и вчера беа причина за меѓусебни обвинувања меѓу двете најголеми политички партии во Македонија. Од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија СДСМ дека досега не осудил ниту една од низата националистички и антидржзавни изјави кои беа дадени изминатов период, додека од Социјалдемократскиот сојуз пак, истакнаа дека ниту една лага, ниту една закана за наводи редефинирања, промена на знамиња и имиња, нема да ја сменат реалноста во која ВМРО-ДПМНЕ е опозиција.

Коментирај