СДСМ го призна поразот: Илија Димовски е избран за претседател на Комисијата за избори и именувања (ВИДЕО)

0
4445

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски ќе биде претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Ова беше договорено на денешната координација во Собранието по тридневни консултации. Со одлуката ВМРО-ДПМНЕ да го добие претседателското место во комисијата за избори и именувања, СДСМ призна дека ги изгуби изборите.

„СДСМ е втора партија во ова Собрание. Оттука претседателското место што го доби ВМРО-ДПМНЕ и шесте членови на комисијата не се добар гест од страна на СДСМ, туку се правила и пракса врз која Собранието функционира 25 години. Доколку СДСМ продолжи да го слуша гласот на народот кој што секој ден се на улиците и доколку СДСМ продолжи со ваквите постапки да прифати дека се губитничка партија на изборите, Собранието на Република Македонија ќе продолжи нормално да функционира. Доколку се обидуваат со постизборна измама да наметнуваат нови правила во собранието на Република Македонија, тогаш сите можности остануваат отворени“, изјави денеска Илија Димовски.

Според претходно договореното од политичките партии, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата за прашања на изборите и именувањата, СДСМ пет, а ДУИ и Беса по еден член.

Утврдувањето на предлогот за состав на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е предуслов за продолжение на конститутивната собраниска седница која почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом.

Коментирај