Русковска: Имам сознанија и за други случаи на уцени и рекет

0
309

Јавното обвинителство има сознанија и за други случаи на уцени кои се вршени од лицата осомничени во случајот „Рекет“, но засега не се открива за колку случаи се работи. Неколку бизнисмени веќе дале изјава во обвинителството, пишува Дојче веле.

Имам сознанија за други случаи, но не можам да ви кажам за колку лица се работи. Тие лица дадоа изјава и сега бараме докази за да ги потврдиме исказите“, изјави јавната обвинителка за организиран криминал, Вилма Русковска утрово за Дојче веле.

Русковска потврди дека тие бизнисмени тврделе дека биле уценувани од истите лица кои се осомничени во истрагата за случајот „Рекет“.

Двајцата осомничени во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски и Зоран Милевски неделава добија 30 дневен притвор. Двајца осомничени се гонат затоа што рекетирале познат бизнисмен кој бил под истрага од СЈО. Рекетот се одвивал на тој начин што првоосомничениот Јовановски од бизнисменот барал, и успеал да добие, пари во замена за ветување за ослободување од кривично гонење.

Во фокусот на случајот се најде и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со чие влијание, наводно, се тргувало. Јанева од понеделникот кога најави оставка на функцијата не се појавува во јавноста.

Русковска вели дека се уште трае вештачењето на телефонот на Јанева кој и беше одземен во понеделникот и дека, од тој аспект, нема нови моменти во истрагата за „Рекет“.

Од Специјалното јавно обвинителство неделава на прес-конференција порачаа дека „сомнежите за постапки на поединци не смеат да го доведат во прашање интегритетот на институцијата“. Од таму најавија и подготвеност за соработка во истрагата на Јавното обвинителство.

Русковска за ДВ вели дека „се уште не контактирале други обвинители и истражители од СЈО“ во врска со случајот „Рекет“ како и во врска со предметот „Империја“ кој е директно поврзан со него.

Прво да ги анализираме доказите, па потоа, вели Русковска за ДВ.

Таа уште еднаш потврди дека премиерот Зоран Заев го информирал ЈО за случајот „Рекет“.Други случаи на уцена врз бизнисмени пријавени од страна на премиерот- немало.

Извор: Лидер / Дојче Веле

Коментирај