Ренесансата почнала од Македонија

0
1204

Фреската „Успение на Пресвета Богородица” од црквата Пресвета Богородица Перивлепта (Охрид) е зачеток на еден правец кој во Европа ќе се вообличи дури после два века.

Во историјата на уметноста како предвесник на ренесансата се смета Ѓото (Giotto 1266-1337), уметникот кој успеал да ги надмине влијанијата на вкочанетата византиска иконографија толку присутна кај сликарите од 13 век и на човечкиот лик да му внесе живост и продуховеност.

Доста често во книгите кои го покриваат овој период, кој кај нас се поклопува со византиската уметност, се споменува и фреската „Оплакување на Христос” од црквата Св. Пантелејмон во Нерези (1164) како концепциско решение кое претходи на ренесансата, пред сè заради внесувањето на емоции кај личностите во сцената, нешто што се коси со каноните на византиската иконографија.

Споредбата на генијалните но непознати нерешки мајстори со Ѓото, само по себе го наметнува прашањето на ренесансните елементи во ова сликарство.

mediterane

Книгата “L’art de la Méditerranée – Renaissances en Orient et en Occident, 1250-1490“ на Тања Велманс (Tania Velmans) специјалист по византиска уметност и директор на истоимениот оддел во рамките на CNRS (Centre National de la Recherche Scientifique) е прилично популарна и се продава во сите музеи и книжарници низ Франција, вклучувајќи го и Лувр.

Таа е интересна за нас бидејќи на самиот нејзин почеток е посветена цела страна од фотографијата на “Успение на Богородица” од црквата “Св. Богородица Перивлепта” (1295), а под неа го пишува следниот текст – “Ренесансата во Европа започнува со фреската на Богородица во црквата Перивлепта, Охрид“.

Според зборовите на професорот по Византиска уметност и одличен познавач на византиската уметност, академикот Цветан Грозданов, она што е карактеристично за фреско сликарство во Перивлепта е динамиката во композицијата, драматиката и реализмот.

Фрескоживописот го извеле познатите зографи Михаил и Ефтихиј кои напуштајќи ги нормите на фреско сликарството дотогаш присутно во Византија почнале да творат на начин кој на фреските им оставиле свој карактеристичен печат.

Но дали е тоа така?

art

Неверојатно е колку малку се познаваме. Tреба да вложиме напор и да почнеме да го вреднуваме она што го имаме како аманет од генерациите кои живееле и твореле на ова тло, бидејќи во меѓувреме поради спороста во конзервацијата и заштитата на иконите, дозволивме на Первивлепта да и се закани трајно уништување. За среќа, светот знае да го почитува и популаризира заедничкото културно наследство, а тоа вели дека: фреската “Успение на Пресвета Богородица” од црквата Пресвета Богородица Перивлепта (Охрид) е зачеток на еден правец кој во Европа ќе се вообличи дури после 2 века. Патувањето од истокот кон западот било споро. Да не дозволиме со исто темпо да се движи и нашата перцепција кон минатото!

Автор: Археоблог (Припремил: Димитровска Василка, магистер по археологија и основач на ХАЕМУС)

Коментирај