Колумна: РЕФЕРЕНДУМОТ Е УСПЕХ

0
854

Референдумот е успех. Министерот за надворешни работи неколкупати ја повтори оваа фраза. И со неа се согласувам. Референдумот е успех, така е! Но, тој не е успех на владејачката гарнитура, туку на обичниот тивок македонски народ.

Целиот овој процес го покажа пркосот на еден народ. Да се нарекува како што е. Како што бил уште од памтивек.
Референдумот покажа дека македонскиот народ не се плашеше од заканите, од евтино поткупените квази лидери во опозицијата, од политичките опортунисти. Народ кој немаше страв од губењето на работните места во администрацијата, од суровите инспекции во маалските гранапи и фирми, од рекет. Победа на народ кој нема бугарски пасоши, сметки на Кајмакански острови и резервна татковина.
Малкумина подлегнаа на дрските лаги од опозициските квазилидери од кампусот „Битно е да се гласа“ кои на подол начин сакаа да му помогнат на цензусот. Иако долго договарани во кулоарите на квазидесничарите, тие се распрснаа како меур од сапуница во судир со реалноста. Затоа сега и вештачки создадените политички кариери се пред крај. Реален крај кој ги покажува реалните (не)квалитети на поединецот.
Македонскиот граѓанин ги осуети и дрските кривични дела против изборите на денот на гласањето. Масовното и незапамтено полнење кутии остана незабележано од официјалните меѓународни набљудувачи, но го фотографираа домашните патриоти на избирачките места. И како ништо да не било, се прогласи победа при очигледен пораз на марионетите на власта. Како да не постоеја суперсонични гласања по едно на секои 5 секунди, како да не излегоа слики со групно гласање и повеќекратно гласање, како да немаше избирачки места со излезност од 102%, како да не гледавме дека излезноста се зголемила двојно или тројно во испустени села без народ.
И сепак не успеа лажирањето на волјата. Таа остана цврста и недвосмислена.
Неуспешноста да се одговори на прашањето може да се опише преку три референдумски примери. Референдумот за независност на Каталонија од Шпанија во 2017 година: 92.01% ЗА, излезност 43.03% – прогласен од меѓународната заедница за неуспешен затоа што не ги исполнил условите. Уставниот референдум во Романија за спречување на истополови бракови од пред неколку дена: ЗА гласале 93.40%, излезност 21.1% – прогласен од меѓународната заедница за неуспешен затоа што не исполнил 30% потребна излезност. Референдумот за територијалната распределба во Македонија во 2004: 95% ЗА, излезност 27% – прогласен за неуспешен од сите чинители заради излезноста под 50%.
Овој референдум: ЗА – 94.18%, излезност 36.89%.
Затоа овие резултати се и паметник и опомена за политичките елити. Да внимаваат кон што го водат процесот за промена на уставното име на Република Македонија. Дали тој процес е дозволен од граѓаните и дали тие се согласни со промената. Затоа што политичарите одговараат на граѓаните, а не обратно. Политичарите, домашни или странски, се со рок на траење. Тие се слуги на суверенот, а суверенот тивко го кажа својот став.

Да не си дозволат да го злоупотребуваат трпението и тишината во ставот на македонскиот народ.

Пишува: Стефан Андоновски, Магистер по меѓународни односи, Универзитет Џонс Хопкинс, САД

Коментирај