Психички болен притвореник натепал полицаец во Шутка, по прегледот лекарите пак го вратиле в затвор

0
303

Притворено лице под психичко растројство денеска удрило со даска од вецето по лице полицаец од затворот во Шутка. Инцидентот за САКАМДАКАЖАМ.МК го потврди и директорот Ѓоко Котевски, за кого е чудно што по преглед во психијатриска установа, напаѓачот место да биде задржан во соодветна институција, го вратиле повторно назад во истражниот затвор во Шутка.

„Точно е дека денеска полицаец вработен во затворот ‘Скопје’ во беше нападнат од притворено лице, кое ни е познато, бидејќи неколку пати бил тука во притвор. Веднаш е повикана полиција од МВР, направен е записник за настанот, известен е судијата од Основниот суд Гостивар што му ја одредил на тоа лице од Маврово-Ростуше мерката притвор и го пратил тука место во психијатриска установа, викната е Трудовата инспекција. Колегата е прегледан од лекар, кој констатирал гребаници на неговото лице од ударот. Напаѓачот е прегледан во психијатриска установа надвор од затворот, бидејќи немаме наш психијатар веќе месец и пол. Но, место да биде сместен во соодветна институција, повторно е вратен во затворот ‘Скопје’ “, вели Котевски.

На прашање зошто напаѓачот не бил прегледан во затворот во Шутка и не му била дадена соодветна терапија за да не напаѓа луѓе, Котевски кажа дека откако пред месец и пол се пензионира последниот, овој затвор нема психијатар.

Затворите „Скопје“ и „Идризово“ имаа психијатар од Здравствениот дом Скопје, но сега немаат. Управата за извршување санкции и Министерството за правда се известени за тоа, двата најголеми затвора мора во најскоро време да добијат психијатар за притворените и за осудените лица.

Коментирај