Протест на Албанците во Ѓаковица, српските верници ја откажаа посетата на манастирот

0
293

Стотици граѓани од албанска националност излегоа денеска на протест во Ѓаковица, во западно Косово, со цел да ги спречат верниците од Србија да го посетат тамошниот православен манастир по повод верскиот празник Божик, јави дописникот на МИА од Приштина.

Протестот заврши откако директорот на регионалната полиција Ахмет Хаси информира дека српските верници нема да допатуваат во Ѓаковица.

Протестантите порачаа дека немаат ништо против православните верници, туку против оние кои што се преправаат дека се верници, а за кои, како што велат, знаат дека сториле тешки злосторства во нивниот град во војната од 1998-99 година.

– Ние, граѓаните на Ѓаковица, немаме проблем со нивната вероисповест ниту со нивното право на аџилак, како што тие тоа го толкуваат. Проблемот што го имаме е што меѓу нив има и лица чии дела во текот на војната ги знаеме. Тие имаат име и презиме. Но, ние сме сведоци дека истите ниту се под истрага, ниту се судат, ниту се казнуваат за тие злосторства. Во овие околности кога институционалниот молк става сол на нашите рани, нивната посета на градот кој го удавија во крв и го уништија од темел претставува провокација, се вели во повикот за денешниот протест.

Протестантите на портите на православниот манастир закачија банер со имињата на Србите за кои тврдат дека починиле воени злосторства, како и порака „Ѓаковица не заборава“.

Извор: kurir.mk

Коментирај