„Пропаста“ на преговорите со Грција

0
143

Последниве денови изложени сме на купишта спинови. Сите тие се сведуваат на едно – како да се обработи оној дел од македонскиот народ кој не ја прифаќа промената на името. Нешто слично како со „Илинденска Македонија“, еден шарлатански предлог, чија цел не беше да се понуди конечно решение, туку да се понуди опција која наизглед за дел од Македонците би била прифатлива како ерга омнес, а контра аргументот го кажа Заев во ТВ дуелот со Мицковски – ако се спротивставиш на „Илинденска“ ќе добиш кампања во стилот: А што имаш ти против Илинден? Така што, ја добивме смислата на предлогот – некој со интелектуална недоразвиеност смислил дека тоа е добар начин да се прекрши противењето на Македонците за ерга омнес (зашто, има ли Македонец што е против Илинден?), а потоа ќе се најде веќе друго решение. Нова, Северна, Странична, Забавна или било каква Македонија. Се разбира откако Грците претходно ќе го одбијат овој погубнион за нас илинденски предлог (нелогично, но вистинито), но со постигната цел која вели дека нашата следна преговарачка позиција поаѓа од веќе дадената согласност за име за севкупна употреба.

Слична игра се случува и сега со потпишување на договорот меѓу Заев и Ципрас. Веќе е досадно да слушаме дека не денови, туку часови и минути не делат од тоа Заев и Ципрас да се чујат, а потоа веројатно само секунди ќе останат до нивната средба и ставањето потпис на документот. Но, има еден проблем поради што запнува целата работа – како тоа да се протне меѓу поголемиот дел од Македонците, во услови кога ВМРО-ДПМНЕ не дозволува да се соберат 80 гласови за менување на Уставот. Тоа се впрочем тие „технички“ детали кои останаа да се прецизираат.

И ако во спиновите за часовите и минутите до слушањете на Заев и Ципрас поентата беше да кажете – па, добро, ајде веќе еднаш нека се чујат, па што биде, нека биде – сега имаме дека преговорите пропаднале. И тоа ни помалку, ни повеќе, туку од српски Курир, весник кој барем кога  е Македонија во прашање, лаже отприлка колку што лажат и комуњарите за економската состојба во државава.

Спинот всушност има само една цел, а таа е да ве доведе во состојба на заплашеност независно каков став имате кон менување на името на РМ: Леле, ако преговорите пропаднале, што правиме сега?

Втората негова поента е да се крене малку рејтингот на Заев и од предавник, да се претстави како херој кој храбро го одбил новиот грчки предлог од името на нашата држава да се избрише зборот Македонија. За утре-задутре, кога ќе ни биде ставен на маса некој ступиден предлог од типот „Илинденска Македонија“, сите да воздивнеме со олеснување и да го прифатиме, сеедно колку е погубен, водејќи се од онаа нашата: Молчи, има и полошо!

Така што, со што и да ве бомбардираат овие денови, треба да ви е јасно дека целата работа е договорена, а дека главен проблем е како тоа кај нас да помине. Впрочем, вчера, преку МИА,  сето тоа ни го нацрта Едвард Кукан, кој изјави.

„Грешка беше да се биде толку оптимист. Мислам дека не е доволно политичарите да постигнат договор. Пред да го најават треба да го подготват народот за тоа. Мислам дека ја научија лекцијата последниот пат со Илинденска Македонија. Не верувам дека најтешкиот дел е името, туку како ќе стои во Уставот, јазикот, културата, сите тие работи. Можеби е техничко потешко, така што кога сите тие прашања ќе се решат, политичарите треба тоа позитивно да и го продадат на јавноста и само тогаш името ќе биде официјално објавено“.

Значи, работата е во тоа како негативното да ни го продадат како позитивно (се сеќавате кога Заев велеше дека за јазикот, националноста итн не се преговара, па чекор по чекор дојдовме и до тоа). Потоа, откако ние ќе ја завршиме работата, односно откако народот ќе биде обработен, а Заев ќе стави потпис, Грците, се разбира, во парламентот ќе го одбијат договорот, па потоа се ќе почне одново. Со тоа што во таа рунда преговори ќе следи бришење и на зборот Македонија. Зашто, да не заборавиме: Приемот на РМ во НАТО може да се случи, не тогаш кога ќе добиеме покана, туку тогаш кога со тој прием ќе се согласи и грчкиот парламент. А додека дојдеме на дневен ред, таму веќе ќе владее Нова демократија, а Ципрас и Коѕијас ќе се сончаат некаде како награда за успешно завршената работа зашто им успеа нешто што не им успеа на многу поопитни грчки политичари. Но, за тоа веќе сме пишувале. Нема потреба да се повторуваме.

Така што, потрудете се да не наседнувате на спинови, најмалку на тоа кој што објавил, па макар утре и Заев и Ципрас објавиле дека договор нема. Имајте на ум дека некој таму, не мачи мака со тоа како да изгледа договорот, туку мака мачи со вашата психологија, со вашиот начин на размислување, со вашиот групен психолошки профил и врз основа на сето тоа сега се обидува со шок терапија да ве заплаши: Леле, преговорите пропаднале, што правиме сега?

Па, нели самиот Заев ви кажа: Не е крај на светот и ако се случи тоа! Така што, направете си кафе, пуштете некој забавен канал на ТВ и оставете ги нека продолжат да бараат начин како да ве пренесат жедни преку вода. Тоа им е работа. Вашата е да си го погодите кафето и да останете имуни на спиновите.

Дарко Јаневски за Денешен.мк

Коментирај