Профил: Никола Димитров, скап топ модел за македонските даночни обврзници!

0
65

„Подобро згоден, отколку паметен“, со овие зборови (според неговото сведочење), министерот за надворешни работи Никола Димитров им се пофалил на колегите за наградата „Маж со стил на годината (2018)“, која ја доби вчера од некоја организација.

На многумина им е забавно на социјалните мрежи да се шегуваат за наградата која гордо ја прими Димитров, но, по се изгледа работата воопшто не е за шегување.

„Економски Лидер“ е медиум кој сака да се наметне како сериозен па немаме намера да го коментираме неговиот стајлинг, тоа им го оставаме на колегите од таблоидите и медиумите кои сакаат да се наметнат како сериозни – но во суштина се обичен жолт печат.

Колку и да не не бива за мода, објективно е да признаеме дека грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, не би можел да припари ниту до најшироката номинација за „Маж со стил на годината (било која)“, но, затоа слободно би можел да конкурира и да ја добие наградата „Дипломат на годината (2018)“, на светско ниво!

Коцијас на зелена маса, со договорот од Преспа, извојува огромна победа со која успеа така професионално да ја понижи Република Македонија (претставувана од топ модел), што веројатно и најубавата гркинка би му простила за лошиот стајлинг.

Грчкиот министер успеа да ги протне сите барања на неговата држава. Од друга страна, моделот Димитров, не успеа да заштити ниту еден национален интерес на Република Македонија, освен јазикот (со фуснота), кој и така ни беше признаен од ОН.

Впрочем, Коѕијас е платен да биде дипломат а не топ модел и си го работи токму она за што го плаќаат даночните обврзници на Хеленската Република. За разлика од нив, ние очигледно одвојуваме огромен процент од нашите месечни приходи (наскоро прогресивно) и 18% ДДВ на секој продукт – за да плаќаме еден исклучително скап топ модел.

Овој скап топ модел, даночните обврзници ги чинеше и дополнителни 40.000 евра стипендија, за неговата ќерка да може да студира во Холандија.

Димитров даночните обврзници ги чини скапо финансиски, а неговиот шминкерај се удира многу поскапо по националните интереси на Република Македонија. За овие пари, можеби требаше да ја ангажираме Наоми Кемпбел! Ќе не чинеше исто, ќе имавме министерка со најдобар стил на планетата – а можеби и ќе успееше на зелената маса да го шармира Коѕијас!

Извор: РЕДАКЦИЈА НА „ЕКОНОМСКИ ЛИДЕР“

Коментирај