Проф. Наташа Котлар објави неколку цитати од и за бескомпромисниот борец против врховизмот, Гоце Делчев!

0
233

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, во пресрет на 4 мај

Денес одбележуваме 116 години од погибието на Георги (Гоце) Делчев, најзначајната личност на македонското народно и ослободително движење од крајот на XIX и почетокот на XX век. Револуционер од балкански размери, организатор, идејник, агитатор, војвода со определба за изведување на морална и на политичка револуција во конкретното историско време. Или како што самиот тој истакнувал: „револуцијата во свеста, срцето и душата на еден ропски народ, знајте, дека е највелика задача“!

Неговото загинување во серското село Баница на 4 мај 1903 г., е резултат на многу заинтересирани фактори за негова елиминација поради она што претставувал – независно македонско ослободително движење. Тука би можеле да се споменат бугарските, грчките и османлиски интересенти.

Не случајно, поетот Н.Ј.Вапцаров пишува: „Вината беше туѓа и другому тежи, сто тона одговорност“(Илинденска). Од 1872, годината на неговото раѓање во преродбенскиот Кукуш, до 1903 годината на неговата смрт, се протегаат само 31 година, живот на смотник и масовик, живот на инвентивен дух што сета енергија ја завештил на народната борба за слобода. Ова пак, народната меморија го забележала со зборовите дека „Гоце Делчето го е љубел народо и е станал да се боре за македонскиот народ и за Македонија“.

Гоце Делчев е значаен заради неговата организациска активност, кој ја започнал со јасен став (1894), да ги убеди луѓето да ја прифатат ослободителната идеја со моќта на зборот и на делата. Во врска со ова, Ѓорче Петров со кого Гоце бил задграничен претставник на Организацијата во Софија, запишал: „По тактот на дејност како легален деец, Гоце се разликува од своите другари… Млад човек со експанзивна натура, со слободна душа, тој бараше насекаде праволинејност, без секакви скривнувања…Таа негова особина беше најценета за делото. Каде што ќе стапнеше тој, работите на Организацијата добиваа силно темпо.“

Преку неговата непосредна дејност среде селската средина, бргу никнале нови револуционерни центри. При што, кај него доминира единствениот принцип: Македонците да се ослободат со сопствени сили и да се борат постојано за својата потполна независност. Војводата, Никола Петров-Русински соборец и пријател на Г.Делчев, во своите Спомени го запишал, следново: „Нашиот голем апостол Гоце, кажува: ‘Слободата на Македонија ќе изгрее од самостојната борба на Македонците’.

Според некои, Гоце е ‘самоуверен’, но е прав. Делчев секогаш имаше свое мислење дека ние сосема треба да им се препуштиме на располагање на селаните, за да можеме на ваков начин да ја придобиеме нивната доверба и да ги опфаќаме!“ Сеќавајќи се на првата средбата со Гоце во 1899 г., Ј.Сандански вели: „Делчев темелно ме запозна со целите на Внатрешната организација… Јас тогаш веднаш разбрав дека Делчев навистина е човекот кој најдобро ја знае Организацијата и сето она што таа го има како своја цел“.

Затоа нему најмногу и му прилега епитетот основоположник на МРО. Делчев е значаен за нас бидејќи е родоначалник на четничкиот институт на ТМОРО, односно на организираната воена сила, чија задача била да ја предводи револуцијата за општествена преобразба. Оттука, Ѓ.Петров забележува: „Четништвото, ете го местото кадешто Делчев се чувствуваше во својата стихија!“.

Тој е и бескомпромисен борец против врховизмот и неговите акции во Македонија, бранејќи ја самостојноста и независноста на Тајната македонска одринска револуционерна организација (ТМОРО). Делчев е значаен заради неговата реалистичност која кулминира во неговиот став против предвремено решение за кревање на востание во Македонија. Тој не само што предупредува дека е „престапно да се ослободува еден народ преку преднамерно создадени пожаришта и касапници“ и дека „практичните сообразувања наложуваат борба со најголема заштеда на средстава и сили“, туку е наполно свесен дека неколкуте илјади македонски пушки и бомби не можат да ја победат Османлиската Империја. Во оваа смисла е и неговата позната мисла: „Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли поинаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите!“ Делчевата порака: „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите!“ секогаш е актуелана и поттикнувачка за наше зреење и делување. Затоа, почита и љубовта и кон Г.Делчев ќе ни биде непоматена и долговечна!

Фејсбук објава на Проф. д-р Наташа Котлар

Коментирај