Притвор за уште двајца обвинети за упадот во Собранието – МВР трага по уште 12 лица

0
750

Кривичниот суд определи притвор од 30 дена за уште двајца обвинети за упадот во Собранието на 27 април.

-Во текот на вчерашниот ден пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, беа спроведени две лица опфатени со предлогот на ОЈО за организиран криминал и корупција за определување мерка притвор, а поврзано со настаните од 27 април во Собранието, за кои по произнесување на спроведените лица во однос на предлогот на обвинителството, судија на претходна постапка донесе решение со кое го прифати предлогот и на М.М и С.М. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти Судот.

Денеска пак, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека полицијата трага по 12 лица од 36-те осомничени за настаните во Собранието на 27 април оваа година кои најверојатно се во земјава и полицијата трага по нив.

„Издадени се наредби за 36 лица, по 12 уште се трага, тие се најверојатно во Македонија. Дали ќе се распише потерница е работа на обвинителството и судот. Имаме сознанија дали некои од 12-мината што сè уште не се обезбедени имаат двојни државјанства“, рече Спасовски, но додаде дека не може да открие повеќе детали.

Инаку, завчера во кривичниот суд беа спроведени 24 лица. На 13 од нив им беше определен затворски, а на шестмина куќен притвор.

-М.Ч., О.П., И.Д., М.П., О.Р., Г.А., В.Т., Д.Л., И.Ц., Б.И., Ј.Ч., И.С., и В.М. судијата на претходна постапка го прифати предлогот и им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека на С.М., Г.Ѓ., М.П., Е.Д.Б., Б.Д., В.Ј, им определи мерка куќен притвор, соопшти вчера Судот.

Меѓу обвинетите има и пратеници, на кои Собранието денеска им го одзеде имунитетот.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.

 

Коментирај