Превентивни мерки за заштита од грип

0
377

Од ден на ден се зголемува бројот на заболени од грип. Ординациите се полни со пациенти кои бараат лекарска помош, а многу граѓани се лекуваат дома. За да се спречи поголемо ширење на ова сезоноско заболување Институтот за јавно здравје објави превентивни мерки со кои граѓаните во одредена мера можат да ја намалат опасноста од грипот.

Во ИЗЈ препорачуваат повеќе видови мерки:

Специфични мерки на превенција – вакцинација.

Вакцината против грип е најдобра превентивна мерка, особено се препорачува за лицата постари од 65 години, лица со хронични болести и состојби на намален имунитет, како и кај децата помали од 2 години. Вакцинацијата против грип не е 100% гаранција дека вакцинираното лице нема да се разболи од грип, но дури и да добие грип, тој ќе биде во поблага форма, а ризикот од компликации значително намален. Употреба на лекови за превенција од грип или заболувања слични на грип не се препорачува.

Општи мерки на превенција.

Општите мерки за заштита од грип се мерки кои се насочени кон сите акутни респираторни заболувања и може да се од голема корист, особено ако се применуваат во текот на целиот зимски период:

• Да се избегнува собирање и престој во простории каде престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или сомнителни – кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура!

• Често да се мијат рацете со вода и сапун или дезинфекционо средство!

• Да се загреваат просториите за престој и често да се проветруваат!

• Препорачливо е топло, слоевито облекување, топли бањи!

• Да се пијат топли напитоци (чаеви и супи), овошни цедени сокови, вода со лимон.

• Да се земаат свежи продукти богати со витамини и минерали, најдобро овошје и зеленчук кои му се неопходни на организмот. Особено се пожелни продукти богати со витамин Ц (цитрони, лимони, портокали, пиперка). Доколку не се располага секогаш со свежи прехрамбени продукти, може да се користат и мултивитамински напитоци и препарати.

• Како дополнителни средства може да се користат препарати на база на прополис, ехинацеа, мед, ѓумбир, лук и сл.

• Практикување на здрав начин на живот и здрави навики, вклучително добар сон и одмор, здрава храна, одржувајте ја физичката и психичката активност, намалете го стресот. Силниот имунитет ќе ви помогне да останете здрави или полесно да се справите со грипот и заболувањата слични на грип.

Во ИЗЈ велат дека сепак, дури и да сте совршено здрави и да имате силен имунитет, може да заболите од грип или заболување слично на грип.

Извор: skopjeinfo.mk

Коментирај