Претседателот Иванов се сретна со Нимиц – од Кабинетот соопштија што било разговарано

0
706

Република Македонија и натаму ќе учествува во процесот што се води под покровителство на ОН. Неопходно е стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите-резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, истакнал претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба со специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за прашањето за разликата околу името, амбасадорот Метју Нимиц.

Кабинетот на Иванов соопшти дека на средбата била разгледана актуелната состојба во разговорите за надминување на ова прашање.

Македонскиот претседател порачал дека Република Македонија и натаму ќе учествува во процесот што се води под покровителство на ОН и истакнал дека е потребно да се создаде позитивен амбиент со цел подобро разбирање и почитување.

Претседателот Иванов, како што стои во соопштението, ја поздравил конструктивноста и фокусираноста на мерките за градење на доверба меѓу двете држави и повика на нивно проширување и внесување на нови содржини.

– Македонската страна со години наназад дава континуиран придонес и иницијативи во насока на градењето на доверба меѓу двете држави и двете општества. Неопходно е да се даде дополнителен импулс од двете страни во надминување на ова прашање, кое има суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион, истакнал Иванов на средбата со амбасадорот Нимиц.

Во процесот кој се води во рамки на ОН, според Иванов неопходно е стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите – резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Во таа насока, претседателот Иванов ја потенцираше потребата од почитување на меѓународното право и доследност кон меѓународно преземените обврски.

Во рамки на посетета на Македонија Нимиц утре ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, а се очекува да оствари средба и со министерот за надворешни работи Никола Димитров

Коментирај