„Преспанскиот крст“ во Подмочани

0
190

Во овој духовно-црковен комплекс посветен на свети Петар и Павле е подигнат и се вишнее Преспанскиот крст, кој е изграден во 2.000 година, како симбол на христијанството. Крстот е висок 33 метри, со што симболично се прикажани годините на спасителот Исус Христос

Селото Подмочани се наоѓа во источниот дел на територијата на Општината Ресен. Тоа е распослано на десетина километри на патот кој што води од Ресен за Љубојно, чиј дел од атарот се протега кон Преспанското Езеро, а се издига и кон планината Пелистер, каде се граничи со општината Цапари.

Во историја на Подмочани се вели дека од секогаш било едно од најголемите села во Преспа. Но, тоа било и причината што најмногу настрадало за време на Илинденското востание во 1903 година, а потоа да стане и едно од најпечалбарските села во Преспа.

Во сегашноста, пак, може да се каже дека Подмочани е едно од поголемите, поубавите, позначајните и во кое иселеничките процеси се’уште траат. Подмочани е старо македонско село со национално и верски мешано население, во кое сложно живеат претежно православни Македонци и мал број македонски Албанци.

Според научните сознанија, а и според преданија на подмочанци името на ова село е етничко, префиксално и суфиксално изведено од коренот „моч“ (мочуриште), односно населбата во минатото се наоѓало под мочуриште, од што и го добило името.

prespanski-krstПодмочани од секогаш бил центар и општина за селата Грнчари, Рајца, Курбиново, Претор, Асамати и Долна Бела Црква. Така било и со првото училиште од 1920 година во кое учеле и децата од овие села. Денес новото централно училиште што го носи името на славниот војвода „Славејко Арсов“ е во зградата но некогашниот задружен дом. Тоа, всушност е административна зграда што го дели Подмочани од Грчари, меѓу кои, доколку човек не ја види таблата за името на селото, не ќе можи да ќажи каде завршува Подмочани, а каде почнува Грнчари.

Тука, кај училишната зграда, кај споменикот на Коста Кусаковски се спојува и разделува Подмочани од Грчари. Старата зграда на училиштето во Подмочани што е лоцирана на самиот влез во селото, пак,  е преуредена во Младински дом и Месна канцеларија.

Подмочани е значајно место и по тоа што во него постои и приватна етнолошка музејска поставка сопственост на ентузијастот Јоне Ефтимовски. Во музејот кој е сместен во приватниот дом на етнологот Ефтимовскит се изложени стари народни носии, накити и украси, предмети од домаќинството, оружје и други експонати.

Овој етнолошки музеј е единствена ваква институција во Преспа и Македонија за која фолклористот Ефтимовски ентузијастички четириесетина години го негува фолклорот и собира македонски носии од сите краишта, како и од етнички групи во Македонија и од другите балкански и други блиски или подалечни држави и региони.

Дека љубовта кон народното богатство и традицијата нема граници, живо сведоштво претставува Етнолошкиот музеј на Јоне Ефтимовски. Тој е со неуморен дух и полет и за подолг период собрал над двесте народни носии од сите краишта и региони, неколку илјади разновидни експонати, околу триста и педесет комплети, а има над 2.500 заведени предмети. Тоа е музеј со непроценлива вредност каде доаѓаат патеписци, фолклористи и намерници од целиот свет. Тој е музеј кој го посетиле дури и двајца македонски претседатели – Киро Глигоров и Борис Трајковски, како и голем број уметници и видни граѓани на Република Македонија, Балканот и светот.

Карактеристично за Подмочани е тоа што таму се наоѓа црквата „Свети Ѓорѓи“, во чиј круг се наоѓаат селските гробишта. Но, денес, се чини новата црква „Свети Петар и Павле“ претставува пример на  многу убав духовен, народен и преспански храм. Црквата е резултат на донаторство и израз на големата љубов кон родниот дедовски крај, особено на бројните иселеници од сите делови на светот, по потекло од Подмочани, пред сè, на најголемите донаторствата од страна на Борис Ничов и од други иселени.

Инаку, Борис Ничов  познато име во македонската заедница во Чикаго како бизнисмен и донатор, е активен член во македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ и во македонската заедница  во тој дел на Илиноис, од почетокот до денешни дни. Роден е во селото Подмочани, од каде уште како дете, заедно со родителите, заминал за Соединетите Американски Држави. Борис е почитувана личност не само во Чикаго каде живее педесетина години, туку и во своето родно Подмочани,  во Преспа и во Македонија, бидејќи тој е еден од значајните донатори на својот роден крај и познат бизнисмен.

Во овој духовно-црковен комплекс посветен на свети Петар и Павле е подигнат и се вишнее Преспанскиот крст, кој е изграден во 2.000 година, како симбол на христијанството. Крстот е висок 33 метри, со што симболично се прикажани годините на спасителот Исус Христос.

Овој црковен комплекс е изграден на ридот  Горица што се наоѓа над селото и од каде како на дланка се гледа значителен дел од Преспанската Котлина и од Преспанското Езеро. Благодарение на голем број иселеници и, секако, на селаните од Подмочани: првите помагаат со пари, а вторите со работна рака, за неколку години во оваа преспанска населба се изградени три христијански храма.

„Преспанскиот крст“ е подигнат во непосредна близина на месноста Горица на највисокиот рид, веднаш крај Преспанското Езеро. Крстот е висок 30 и широк 20 метри. Осветлен е со 14 рефлектори и се гледа од сите страни на Преспа. Изградбата на крстот и на комплетната инфраструктура чинела стотици илјади американски долари.

„Преспанскиот крст“ е најголемата преспанска камбанарија. Ѕвоната се од Русија кои можат да се слушнат надалеку во Преспа и Преспанското Езеро. Денес црквата „Свети Петар и Павле“ и „Преспанскиот крст“, се два значајни монумента во Преспа,

prespanski-krst-2
Комплексот на црквата „Свети Петар и Павле“

Со изградбата на „Преспанскиот крст“ се сакаше да се врати сјајот на древната и славна Преспанска архиепископија. Основана е во времето на славниот македонски цар Самуил и беше значајна за развојот на православието на Балканот и во создавањето на македонската нација и држава. Инаку, преспанските бизнисмени во САД, Канада, Австралија и во Европа вложија околу половина милион долари за изградба на црквата и крстот.

Денес за селото Подмочани во Преспа, покрај месното население се грижи и плејада иселеници раселени ширум светот. Покрај Борис Ничов, Калче Магдевски и Марјан Кочовски од САД, голем придонес за Подмочани имаат Дорче и браќата Николовски, Митко Стојановски, покојниот Кире Глобочки, Љупчо Андреевски, Џими Стојановски и многу, многу други.Затоа, не случајно за Подмочани се вели  дека е едно од најпечалбарските села во Преспа.

Во историјата на Подмочани е забележано дека од ова преспанско село води потекло, меѓу другите, Трајко Китанчев (1858-1895) педагог, публицист, писател и поет, академик на Бугарската академија на науките и професор-филолог на Московскиот универзитет, како и претседател на Врховниот комитет на ВМРО, како и корените на архимандритот Панарет, ректор на Пловдишката семинарија.

Исто така, од ова село, меѓу другите е и војводата Кочо Кочовски, учесник во Илинденското востание, а за негова слобода, меѓу другите, своите животи ги дале: Коста Кусаковски, Петар Ристевски, Милан Стојчевски, Мите Фотевски, Ѓорѓи Шушевски, Панде Стефановски и други.

Селото Грнчари, пак, е продолжение на Подмочани во правев кон Асамати.  Тоа е верски мешано село во кое сложно живеат осумдесетина Македонци, над триста македонски Албанци и десетина македонски Турци. Во него постои црквата „Св. Атанас“, каде се наоѓаат селските гробишта, познатиот манастир „Св. Илија“ што се наоѓа на 4 км источно од селото и џамијата во селото, за која се претпоставува дека е изградена врз темели на македонска црква. Исто така во Грчари има  и Теке кое било изградено во 1935 година.

Треба да се потенцира дека над село Грнчари, кое е опкружена со живописна природа, сочувана е малата еднокорабна црква „Св. Илија“. Таа е изградена од камен и тула, а е засводена со полукружен свод.

Првиот, постар живопис, временски се совпаѓа со градењето на црквата. За него, науката претпоставува дека потекнува од првата половина од XIII век. Од овој фрескопис сочуван е фрагмент од композицијата “Успение Богородичино” и композицијата “Преображение Христово”. Втората фаза на живописување се совпаѓа со времето на обновувањето на црквата.

Интересно е да се напомене дека во манастирот „Св Илија“ е насликан свети Ахил, светец чиј култ бил особено карактеристичен и многу почитуван во околината на Преспа. Тој е претставен зад иконостасот, на јужниот ѕид.

Инаку, карактеристично за селото Грнчари е и тоа што до Втората светска војна немало ниту еден со средно образование, а по ослободувањето со вишо и високо образование се стекнале педесетина грнчарци, меѓу кои и еден доктор на науки и многу други интелектуалци и познати личности во општественото живеење на Република Македонија.

Селото Грнчари кое е залепено на Подмочани на патот кон „Маркова Нога“ е многу  карактеристично по тоа што скоро од секоја куќа има по еден гурбетчија. Грнчарци важат за големи домаќини и газди. Тоа се гледа по нивните куќи, во кои има и лифтови, дворови во кои се прават богати свадби, по луксузните возила… За намерникот или посетителот Грнчари со своите преубави куќи од кои повеќето се отвораат само во летниот период, личи на некоја странска населба.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН
Извор: Македонска нација

Коментирај