Предупредувања за кршењето на човековите права и пред Извештајот, симнати розовите очила на власта

0
89

Извештајот на американскиот Стејт департмент за човековите права, ја открива вистината за состојбата во земјава, колку и да сака актуелната власт да претстави пред граѓаните позитивна слика за нивната работа.

Во извештајот се истакнува дека главни проблеми и натаму се корупцијата, ограничената независност на судската власт, но и поделеноста на медиумите.

-Постои напредок во медиумите и судството, но во земјата останува да се решат уште низа важни проблеми како на пример корупцијата, ограничената независност на судскиот систем и медиумите, се наведува во најновиот извештај за човековите права на американскиот Стејт департмент.

Особено вознемирувачки според Американскиот државен секретаријат останува високиот степен на корупција, со многу случаи на корумпирани службеници вклучени во коруптивни случаи во изминатата година. Во извештајот се нагласува политизацијата на судството и нејзино недоволно финансирање како главни пречки за независно и ефективно судство за воведување правда во земјата.

Политизацијата останува присутна на ниво на јавната администрација, според американската влада, која наведува дека владејачките партии имаат воспоставено активен систем на активна патронажа преку кој администрацијата се користи за наградување и на партиските војници.

За тоа какви се човековите права во земјава, како и за кршењето на истите, имаше низа предупредувања изминатиов период, но власта остана глува, со розеви очила на глава.

Дел од нив, пренесуваме во продолжение:

Народниот правобранител за притворените пратеници: Приведувањето е незаконско, а мерката притвор – злоупотребена (декември 2017-та)

„При приведувањето на тројцата пратеници, на 28 ноември 2017 година повредено e правото на пратенички имунитет и начелото на пресумпција на невиност поради непочитување на Правилникот за начинотнавршење на полициски работи од страна на полицијата“, истакна на денешната прес-конференција народниот правобранител, Иџет Мемети.

„Неспорна е констатацијата дека во случајот е постапено спротивно на членот 19 од Правилникот за начинот на вршење на полициски работи, според кој ‘доколку лицето кое се приведува се повика на статусот имунитет, полицискиот службеник по проверка на веродостојноста на таквиот статус ќе го прекине приведувањето и за тоа веднаш ќе го извести непосредниот раководен полициски службеник.’ Доставена е и  препорака до министерот за внатрешни работи, со која се бара да спроведе целосна постапка за испитување на начинот на постапувањето на полициските службеници на 28 ноември 2017 година, да утврди одговорност и да се санкционираат прекршителите на правата на пратениците“, истакна правобранителот,  нагласувајќи дека е потребно да се постави и прашањето зошто судот издал наредба за приведување и претрес на лица кои уживаат имунитет, без претходно да им биде одземен имунитетот.

Народниот правобранител Иџет Мемети посочи и дека судиите на претходна постапка ја злоупотребиле мерката притвор и ја употребиле како казна за пратениците осомничени за настаните во Собранието.

Сменет фокусот на борбата за човекови права (Слободна Европа 26.01.2019-та)

Изминатата година граѓаните во Македонија се пожалиле најмногу на кршење на социјалните права, правата од работен однос, а тука се и вечните теми како жалби за правосудниот систем, односот на полицијата, условите во затворите. Во најновиот извештај на Хјуман Рајтс Воч, пак, за Унгарија и за Полска се вели дека се најлошите во рамките на Европската унија.

Луѓето сѐ повеќе се борат за своите права, оценува невладината организација Хјуман Рајтс Воч во својот годишен извештај објавен неодамна. Глобалната слика за човековите права е измешана – насловните страници ги полнат автократите и злоупотребите, но се повеќе на сила добиваат и поборниците за заштита на човекови права, демократија и владеење на правото, стои во извештајот. Во него овојпат нема податоци за состојбата со човековите права во Македонија.

Домашните институции и организации кои се занимаваат со заштита на човековите права и слободи наведуваат дека изминатата година граѓаните се пожалиле најмногу на кршење на социјалните права, правата од работен однос, а тука се и вечните теми како жалби за правосудниот систем, односот на полицијата, условите во затворите.

Тужба против власта за кршење на човековите права со Договорот од Преспа (03.01.2019-та)

Граѓани ќе ја тужат власта пред меѓународни судови поради повреда на човековите права со имплементација на Договорот од Преспа со којшто се менува името на Република Македонија.

Професорката од Правниот факултет, Тања Каракамишева Јовановска на Фејсбук објави дека иницира правна акција во која што граѓаните ќе можат да покренат тужба против државата за кршење на човековите права.

„До сите загрижени Македонци кои ме прашаа како ќе се одвива овој процес на правна одбрана на Македонија еве ги одговорите: 1.Оваа битка нема никаква врска со ниту една партија. Оваа битка е и ќе биде надпартиска, народна и ја започнуваме веднаш. 2. Во битката ќе бидат повикани сите загрижени Македонци кои ќе имаат правна можност да ја тужат владата поради прекршување на основните човекови права кои се неприкосновени, како правото на самоопределување, правото на лично достоинство, на личен интегритет итн. Како и поради прекршување на Уставот и на меѓународното право. 3. Помош ќе биде побарана единствено за подмирување на судските такси и трошоците на застапниците на граѓаните пред судовите, се друго ќе биде сработено волонтерски. 4. По исцрпување на домашните правни лекови постапки ќе бидат покренати и пред европскиот суд за човекови права, комитетот на ООН за човекови права, т.н. “1503 постапка” пред Советот за човекови права на ОН, како и преку постапки покренати до специјалните известители на советот на оон за човекови права. 5. Колку повеќе луѓе се собереме во оваа акција за спас на Македонија толку поголем успех ќе имаме како народ. 6. Мораме да делуваме сплотени во заедничката мисија! 7. Ќе победиме!!!“, пишува професорката објаснувајќи го процесот.

Според Каракамишева – Јовановска, во меѓународното право забранети се договори склучени со употреба на сила, договори со кои се врши геноцид или се наметнува ропство, договори со кои се повредуваат човекови права, еднаквоста на државите или правото на народите на самоопределување.

„Договорот од Преспа е забранет согласно меѓународното право и тоа ќе го докажеме! Ќе ја тужиме власта поради повреда на нашите човекови права пред домашните и меѓународните судови! … Сите договори кои се во конфликт со jus cogens нормите како основни вредности на меѓународниот правен поредок се апсолутно ништовни од моментот на нивното потпишување – чл.53 од Виенската конвенција за договорното право“, пишува професорката.

Загадувањето е кршење на човековите права, вели народниот правобранител (07.02.2019-та)

Граѓаните на Македонија имаат право на здрава животна средина и властите, било локални или државни, мора да сторат сè, за да им овозможат живот во подобри еколошки услови. Проблемот со цврстиот отпад и депониите да се реши, заеднички во интерес на жителите, рече холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, чија земја со свои стручњаци го поддржа проектот „Циркуларна економија, искуства на локалните самоуправи во управување со отпадот“, а се однесуваше на рециклирање и правилно складирање на отпадот.

„Луѓето во Македонија заслужуваат решенија за проблемот и од присутните имаше согласност дека ова е проблем во однос на човековите права. Меѓутоа, тој може да се реши со заеднички пристап на централните институции, Министерството за животна средина и градоначалниците, директорите на комуналните претпријатија кои што работат со отпадот и со нашата холандска вклученост и помош од нашите искуства“, изјави амбасадорот Пломп.

На работилницата која се одржа во Велес, беше презентирано истражување што го спроведе канцеларијата на Народниот правобранител Иџет Мемети, кој рече дека со години државните институции не посветуваат доволно внимание за зачувување на животната средина и не се преземаат конкретни мерки, иако законодавството е усогласено со тоа на ЕУ.

„Има закон, но во пракса истиот не се спроведува, поради недоволната совест на тие што треба да го спроведуваат. Поради тоа им порачувам на надлежните во земјава, сериозно да пристапат кон квалитетно спроведување на прописите. Истовремено, без одлагање да пристапат кон изградба на прописни регионални депонии според сите стандарди заради остварување на правото на граѓаните за живот во здрава животна средина“, рече Мемети.

„Стејт департмент за човековите права утврди постоење на притисок врз медиумите и селективна правда во Република Македонија“

Посочувањата од ВМРО-ДПМНЕ за селективна правда за непостоење на право и правда во Република Македонија, како и за притисокот врз медиумите сега се дел и од извештајот на американскиот Стејт департмент за човековите права. Колку и да се обидува заевистичката матрица работите да ги прикаже светли и во демократски дух, Стејт департментот наведува корупција, селективна правда, пристрасност, притисок врз судии, партизација, како и ограничена слобода на медиумите, а се наведува и владин притисок врз новинари за таканаречена „самоцензура“, изјави на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски кој додаде:

„ВМРО-ДПМНЕ постојано посочува за селективна правда, за партизација и политичко влијание врз судиите, за притисок од власта врз правосудниот систем. Правосудниот систем под Зоран Заев е партизиран, и работи под притисок на власта. Според извештај за минатата година на Стејт Департментот, во делот за правосудниот систем стои „ограничена судска независност, политизација на органот за судски надзор и несоодветно финансирање на судскиот систем, со што се попречува судското функционирање и неговата ефективност“. Вашингтон нотира и забелешки за долги процеси, пристрасност, селективна правда и притисок врз судиите!“

Стоилковски потенцираше дека кога се зборува за правосудниот систем тука е и заклучокот за затворите и притворските одделенија, опишани како „сурови, нехумaни и деградирачки“.

Тој запраша ако ова е извештајот за 2018 година, како ли ќе изгледа заклучокот на Стејт департментот за човековите права за во Македонија за оваа 2019 година?

-За потсетување, нема никакво поместување, нема ништо од реформите во правосудството, политичкиот притисок врз судството е се позасилен, нема отворен ниеден случај за корупција против власта. Како ли ќе бидат наведен случајот на пример со претепувањето и обидот за линч врз поранешни министри за кој што никој ама никој не понесе одговорност а случајот се случи во притворот Скопје, како ли ќе ги оценат скандалите со корупција и непотизам кои што го минаа плафонот, безбедноста во Република Македонија е на најдолно ниво со нерешен ниеден случај за низата убиства и насилства низ градовите, посочи Столковски и подвлече:

„Залудно заевизмот убедува за напредок. Смешни се обидите на заевизмот да се прикаже дека Македонија бележи напредок во слободата на медиумите и судството, дека владата мотивирала независно и непристрасно судство. Во Македонија есенцијално недостасува почитување на правото и правдата, почитување на човековите права, а тоа со заевизмот е невозможно. Правото и правната држава се основа за демократски систем, затоа на претседателските избори сигурен победник е Гордана Силјановска Давкова, победува ВМРО-ДПМНЕ, победува Честита Македонија.“

 

 

 

Коментирај