Пред околу 60.000 граѓани, Мицкоски побара предвремени избори

0
664

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот антивладин собир истакна дека предвремени парламентарни избори заедно со претседателските мора да има.

-Ајде да подготвиме чист и еднаков терен за сите политички партии. Ајде да избереме претседател на ДИК на предлог од опозицијата. Ајде да формираме техничка влада на 100 дена пред предвремените парламентарни избори, впрочем исто како што беше во 2016-тата кога Зоран Заев и СДСМ ги загубија изборите и да видиме дали народот се согласува со ова што го прави Зоран Заев и СДСМ, истакна Мицкоски на денешниот антивладин собир.

Тој истакна дека политичката борба, нивото на политичко однесување драстично е опаднато во еден подолг период, и наметнати се лажни стандарди и вредности за тоа, како политиката треба да изгледа и како политичарите треба да се однесуваат.

-Но сето тоа мора да го промениме.Затоа што НАТО, кој несомнено е значајна алијанса кон која стратешки се стремиме, само по себе нема да не промени како личности. НАТО нема да направи камионите на Заеви помалку да вртат, или ЕУ нема да ги намали хектарите засадени со марихуана на Заеви. НАТО и ЕУ, се вечен стремеж на нас и нашата генерација, одлична можност за државата и граѓаните, но промените во државата мора да почнат од нас самите. Мора да веруваме во себе и да веруваме во сопствените квалитети. Да се создаде систем каде што вредностите и квалитетите, човечки и професионални ќе бидат пример за успех и напредок, а не за тоа кој со кого е близок, или дали се познава со Заеви или со некој висок функционер на СДСМ, нагласи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека мора вредностите да владеат, а не човекот да ги креира тие вредности како што му одговара во моментот. Мора принципи и мора одлучност.

-На Македонија и треба нова генерација политичари кои ќе размислуваат поинаку, кои ќе гледаат далеку, ќе имаат јасна цел и визија како да стигнат до целта. На Македонија и треба и реформиран СДСМ и одговорен и квалитетен СДСМ. И таму има многу луѓе кои не се согласуваат со ова што се случува. И таму има квалитетни луѓе кои можат да придонесат за доброто на Македонија. Но за да дојде и тоа, прво мора да се порази Зоран Заев, и тоа да се порази убедливо, силно, потенцираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Коментирај