Поразителни бројки: Човекот произведува 100 пати повеќе CO2 од сите вулкани на светот заедно

0
137

Резултатите кои ги даде 10-годишното научно истражување во чии рамки работеа меѓународен тим научници покажуваат дека човечките емисии на јаглерод диоксид се со стапка стопати повисока од негативното влијание врз глобалното затоплување на сите вулкани во светот заедно.

Вулканите придонесуваат за емисиите на ЦО2, но нивното учество во тоа е многу помало од човечкото. Вкупното количество јаглерод диоксид што го емитуваат вулканите на годишно ниво е само околу 0,3 до 0,4 гигатони, што е мал дел во однос на 37-те гигатони произведени од човечка активност само во 2018 година, односно околу стопати помалку од емисиите што се резултат на активностите на човекот.

„Климатските скептици честопати посочуваат дека вулканската активност најмногу го загадува воздухот и дека е најодговорна за емисиите на ЦО2, но тоа едноставно не е точно“, рече Мари Едмондс, професорка по вулканологија и петрологија на Квинс колеџот, Кембриџ.

Во серија студии објавени во списанието „Елементс“, тим од 500 научници собрани како дел од групата Дип карбон опсерватори (ЦОД) детално опишува како јаглерод диоксидот се складира, се емитува и повторно се апсорбира во природните процеси или го создаваат луѓето.

Тие тврдат дека само 0,2 проценти од јаглеродот на Земјата (околу 43.000 гигатони) се наоѓаат над површината на океанот, земјата и атмосферата, а остатокот, или повеќе од 1,85 милијарди гигатони, се чува во Земјината кора, плашт и јадро.

Со мерење на присуството на одредени јаглеродни изотопи во примероци од карпи, ЦОД утврдил дека во текот на над 500 милиони години нашата планета стотици илјади години успевала да го регулира нивото на ЦО2, главниот стакленички гас.

Исклучок се „огромните нарушувања“ на јаглеродниот циклус, како големите вулкански ерупции или ударите на метеорити што резултирале со истребување на диносаурусите. Научниците проценуваат дека метеоритот што пред 66 милиони години убил три четвртини од животот на Земјата, вклучувајќи ги диносаурусите, предизвикал емисија од 425 до 1.400 гигатони ЦО2.

Но влијанието на индустриската цивилизација сега носи неспоредлива цена.

„Количеството на јаглерод диоксид ослободено во атмосферата како резултат на човековата активност во последните десет до дванаесет години е пропорционално со таквите катастрофални промени какви што се случувале во минатото на Земјата“, рече Едмондс.

Таа вели дека Земјата веќе поминала низ повисоки концентрации на ЦО2 од денешниве, но тоа било во време на масовни нарушувања. Едмондс предупредува дека од тогаш поминале стотици илјади години за да се достигне истото ниво.

Извор: taratur.mk

Коментирај