Полски „ЛОТ“ од денеска ги поврзува Варшава и Скопје шест пати неделно

0
318

Просечната цена на билетот на новата директна авиолинија на релацијата Скопје-Варшава, што е воведена од денеска, изнесува 120 евра и со неа се овозможува освен директно поврзување на овие два града и конекција од полската престолнина до повеќе дестинации во Источна и Западна Европа, Скандинавија, САД (Њујорк-Чикаго, Лос Анџелес) и Канада (Торонто).

Летовите се испланирани така што трансферите со авионите на „ЛОТ-Полиш ерлајнс“ до САД,преку центарот во Врашава, се реализираат 80 минути по слетувањето на аеродромот „Фредерик Шопен“.

Полската авиокомпанија на новата авио дестинација ќе оперира шест пати неделно.

– Отворањето на оваа нова линија ќе ги поврзе и зближи Полјаците и Македонците, со поттикнување поголем авиосообраќај како резултат на повеќе туристички патувања, посочи Михал Фијол главен комерцијален директор на „ЛОТ-Полиш ерлајнс“, на прес-конференцијата по првото слетување на Меѓународниот аеродром Скопје.

Со очекување дека оваа авиолинија ќе послужи за подобрување на трговските, економските и политичките односи меѓу Македонија и Полска  е и Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

-Бизнисот на авиокомпаниите секоја година станува се поконкуретен и тие се многу внимателни при донесување одлуки за избор на нови дестинации и влез на нови пазари, рече Ерсој потенцијраќи го значењето што „ЛОТ-Полиш ерлајнс“ го додаоа скопскиот аеродром во нивната мрежа на дестинации.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески истакна дека со новата линија Варшава-Скопје-Варшава се создаваат можности за зајакнување на економските и културните врски и за развој на туризмот меѓу двете држави.

Сугарески информира дека со повикот за финансиска поддршка на ниско буџетни компании што ќе понудат нови дестинации, а треба да биде објавен месецов,се планирани над пет милиони евра во следните три години.

Министерот ги повика сите заинтересирани компании да се пријават на јавниот повик, за кој во скоро време најави и конкретни детали околу критериумите.

Договорот со „Виз ер“, авикомпанијата што во изминатите шест години со субвенции од македонската Влада отвори 12 дестинации од аеродромите во Македонија, истекува месецов. Расчекорот меѓу истекот на договорот со „Виз ер“ и распишување на новиот повик, тврди Сугарески, нема да се одрази на патниците, односно услугите што тие ги добиваат.

Во првите пет месеци од годинава преку Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродром „Свети Апстол Павле“ во Охрид се превезени 784.000 патници, за 20 проценти повеќе споредено со истиот период лани, со реализирани 6.845 лета односно пораст за 17 проценти.

Коментирај