Полнета јагнешка плешка во земјена тава

0
1055

Традиционално за големиот христијански празник Велигден нашите домаќинки приготвуваат јагнешко месо на различни начини. Денеска ние ќе ви претставиме еден предлог за бавно подготвена јагнешка плешка со многу зеленчук.

Потребни производи за 4 – 6 порции:

– 2 чешниња лук, ситно сецкани
– 2 парчиња свеж млад кромид, ситно сецкани
– 3 лажици маслиново масло
– 200 гр. спанаќ, ситно сецкан
– 1 филџан сварен ориз
– 4 лажици сецкано свежо нане
– 2 лажици сецкан магдонос
– 1 обескостена јагнешка плешка
– 1 стар кромид ситно сецкан
– 3 моркови исечени на кругови
– 1 парче целер, сецкано на коцки
– 250 мл. зеленчукова или пилешка супа
– сол
– шарен бибер по вкус

Начин на приготвување :

1. Во 1 лажица загреано маслиново масло ставете ги свежиот кромид и лукот и  мешајте на умерен оган додека малку омекнат без да добијат златна боја. Потоа ставете го спанаќот и мешајте додека да омекне. Откако спанаќот ќе омекне ставете го оризот, нането, магдоносот, посолете и зачинете со сол и бибер по вкус.

2. Обескостената плешка ставете ја помеѓу проѕирна фолија и исчукајте ја со чеканче за месо. Посипете со сол и бибер по вкус и потоа ставете на месото од спанаќот. Направете ролат и заврзете го месото со конец.

3. Останатото маслиново масло загрејте го  и во него ставете ја плешката да се испржи од сите страни. Откако ќе го направите тоа, ставете го ролатот во земјената тава.

4. Во истатото масло каде што ја пржевте плешката ставете ги морковите, целерот и стариот кромид и мешајте 3-4 мин. Вака подготвениот зеленчук ставете го во земјената тава кај месото.  Потоа ставете ја и супата па затворете ја земјената тава со капак. Тавата се става во ладна рерна и треба да се пече на 170 степени околу 2 часа. Последните 30 минути може да се пече без капак, за да се добие убава запечена коричка.

 

На здравје!

Коментирај