ПОЛИТИЧКИ ПРИТИСОК ВРЗ МЕДИУМ: Сопственикот на „Република“ осуден на затворска казна за објавен текст

0
1069

Три месеци затворска казна добил скопјанецот Доне Доневски, сопственик на неделникот „Република“, која нема да ја одлежи ако во период од една година не стори ново кривично дело. Пресудата со затворска казна на Доневски му била изречена под обвинение дека во мај, 2016 година, во тогашното издание на весникот, како и на интернет страницата на неделникот, бил објавен текст во кој биле наведени лични податоци за одредени лица, поточно име и презиме и сума на пари која им била исплатена, па според тоа судот оценил дека сторил кривично дело Злоупотреба на лични податоци, објавува интернет порталот „Република“.

Покрај затвроската казна, Доневски бил казнет и парично во износ од 100.000 денари.

Прво парично те казнува Дирекцијата за заштита на лични податоци, затоа што си објавил име и презиме и работен ангажман на лице кое врши јавна работа, си ја објавил неговата јавна активност. Воедно на некои од лицата е објавена и сумата на пари кои тие ја добиле како надомест за тој ангажман, или пак е посочено дека биле на некој платен список. Се работи за лица кои се претставуваат како професори и политички аналитичари, новинари, борци за човекови права, претседател на Хелсиншки комеитет… Лица кои обавуваат јавна работа и кои се дел од разни дебатни емисии, од јавните собири на кои држат говори, испраќаат пораки, се фотографираат и сами ги објавуваат фотографиите од нивното учество на тие собири. Казната е во висина од 1.800 евра за медиумот и 550 евра за директорот, односно казна од 2.350 евра (околу 150.000 денари). Ова е првпат Дирекцијата да изрече глоба за медиум, а „Република“ е казнета за објавување лични податоци (имиња и презимиња, работен ангажман, и паричен надомест) кои што, во најголем дел веќе беа објавени во други медиуми, напишано е во текстот објавен на интернет страницата на „Република“.

Понатака, во објавеното се објаснува дека по паричната казна од Дирекцијата за заштита на лични податоци следувала уште една казна за истото дело.

Судот, без никакво известување и покана до обвинетиот, без ниту едно оддржано судско рочиште, изрекува уште една парична казна за истото дело. И не само тоа. Изрекува и казна затвор за одговорното лице, односно директорот на медиумот, кој истовремено е и сопственик, во траење од 3 месеци, условно до една година да не стори ново кривично дело, затоа што во средството за јавно информирање биле објавени личности од јавниот живот со цело име и презиме и информација за нивниот работен ангажман. Да бидеме јасни. Посочените во текстот не ја негираат содржината на истата,  ниту пак информациите кои се објавени. Тие не поднеле тужба за клевета и навреда. Се суди за објавување на нивните лични имиња.

„Република“ деновиве доби ваква пресуда. Сите адвокати со кои разговаравме велат дека ова е нешто што досега воопшто не било дел од судската пракса, бидејќи за истото веќе сме санкционирани во прекршочна постапка и сме платиле казна која била изречеnа од Дирекцијата за заштита на лични податоци. Изненадени од судската пресуда тие коментираат дека вакво нешто немало никогаш досега.

„Република“ не може поинаку да ја толкува ваквата одлука на судот, освен како судски преседан за вршење на притисок врз медиум. Се прави обид да се замолчи медиумот, да се наштети на истиот и вооедно се цели кон негово затворање. Уште повеќе што доаѓа во време кога на власт е партија која од падините на Водно и пред просториите на медиумот, во периодот кога беше опозиција, држеше прес-конференции на кои што беа искажани голем број лаги и клевети, обвинувајќи дека истиот тој медиум земал висока сума на пари за владини реклами. За ваквите невистини се води двегодишен судски спор пред истите овие судови. На закажаните судски рочишта не доаѓаат и тоа најпонизно се толерира од страна на судовите.

Се врши директен притисок врз медиумите, се заплашуваат новинарите, се казнуваат лицата кои ги водат средствата за јавно информирање. Ова не е ниту прв ниту единствен притисок врз медиумот. Нападнати беа фотограф и новинар на „Република“, имаше обиди за приведување, директни закани од страна поранешни разузнавачи кои влегоа во просториите кои со повишен тон ни се обратија: Сите ќе завршите на Дрисла. Упаднаа уште неколкумина кои се претставуваа дека се од ДБК иако немаа ниту легитимации ниту било каков писмен документ дека се од ДБК. Бараа списоци на вработени, снимки од безбедносните камери,  а на наше инсистирање да се легитимираат, заминаа со најава дека ќе се вратат со легитимации. Никогаш не се вратија. Поддржувачи и членови на владејачката партија постојано пред редакцијата на „Република“ довикуваат недолични зборови, се закануваат… И сега на крај дојде и затворска казна за објавување на име и презиме на лице кое врши јавна работа.  Зарем ова звучи нормално, демократски, слободарски?!

За ваквата тенденциозна одлука на судот и на Дирекцијата за заштита на лични податоци ќе бидат информирани сите релевантни институции – од здруженија на новинари, преку народни правобранители, сите странски амбасади во земјава, до канцеларијата на ЕУ. Се надеваме дека за овој случај ќе се стават во одбрана на новинарите и новинарската работа, ќе застанат зад медиумите.

Да живее слободата која ја донесе новата власт, да живее слободното новинарство со пресуди за казни затвор, да живее демократијата во која нема демократија! Дојде живот!, се вели во објавениот текст.

Целосната објава и документите погледнете ги на веб локацијата на „РЕПУБЛИКА“.

Коментирај