По големиот протест на Албанците, Србите се откажаа од посета на манастирот во Ѓаковица

0
214

Иселените Срби од Ѓаковица кои денеска најавија дека ќе го чествуваат празникот Успение на Пресвета Богородица во тамошниот манастир, се откажаа од намерата по големиот протест на локалните Албанци, јави дописникот на МИА од Приштина.

Веста за Косовска телевизија (КТВ) ја потврди портпаролот на полицијата во Ѓаковица, Крист Ѓокај, но и претставници на иселените Срби во изјави за српските медиуми.

Претседателот на Здружението на иселени Срби од Ѓаковица, Ѓокица Станојевиќ за Радио телевизија Србија (РТС) изјави дека се откажале од посетата на тамошниот манастир затоа што не сакаат да влезат во „круг на омраза и тензии“.

– Не сакаме инциденти. Овој пат не се понижени Србите, понижени се меѓународните институции, институциите во Приштина, невладините организации, кои не се способни ниту по 20 години да им обезбедат на Србите во Ѓаковица мирно, достоинствено, да ги одбележат своите празници, крштевките, Божик, Велигден, изјави Станојевиќ.

Албанците од утрово протестираат во близина на православната црква во Ѓаковица, со пароли и пораки дека „нема да им дозволат на злосторниците“ да се вратат во нивниот град. Тие не им веруваат на официјалните лица кои ги информираа дека посетата на Србите е откажана и го продолжуваат собирот пред црквата.

Извор: kurir.mk

Коментирај