Пишувањата на „Лидер” се потврдија: 22 милиони од РЕК без тендер за фирмата „на Вицeто“

0
868

Пишувањата на „Економски Лидер” на 4 октомври оваа година, за огромен скандал на повидок поврзан со трошењето на државни пари во РЕК Битола, денеска се потврдија.

Тогаш објавивме дека АД ЕЛЕМ, во ист ден, на РЕК Битола му дале согласност за две идентични набавки за услугата „техничко чистење на ПЕ Рудници“. Скандалозно тука е тоа што едната набавка ќе биде отворена преку јавен тендер кој е објавен јавно на сајтот за јавни набавки, а втората ќе биде спроведена во четири очи со компании. Главнината на понудата за набавката во четири очи е вредна 18 милиони денари, а како што дознавме, неа ќе ја добие компанијата „СВ Инвест“ која е поврзувана со името на Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев.

Овој наш сомнеж се потврди денеска, кога на страницата на јавни набавки е објавен Договорот за склучена јавна набавка помеѓу АД ЕЛЕМ – Подружница РЕК Битола и СВ Инвест ДООЕЛ Битола. Договорот е склучен со цел ангажирање на помошна механизација за потребите на рударска оператива во ПЕ Рудници, РЕК Битола, за услуги за одржување и поправка.

 

Договорот за набавката е склучен вчера, а според податоците добиени биле само две понуди, со критериум најниска цена.

Вредноста на Договорот изнесува со ДДВ 22.833.000 денари. Лидер претходно го објави износот на главнината на Договорот која изнесува 18 милиони денари без ДДВ.

Инаку компанијата „СВ Инвест“ се поврзува со името на Вице Заев, е управувана од Стојан Чифлигароски.

Претходно, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на прес конференција откри дека камиони од струмичка компанија во сопственост на Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев, со налепници токму од битолската компанија „СВ Инвест”, се ангажирани за превоз на јаглен во РЕК Битола.

Договорот за јавната набавка може да го погледенте на следниот линк: www.e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie-acpp/e56147dd-101f-4990-9e03-5e8d059a1d73 

Текстот кој поретходно го објави Лидер, прочитајте го на следниот линк: „СВ Инвест „на Вицeто“ ќе добие 18 милиони од РЕК без тендер? 

Извор:lider.mk

Коментирај