Перо Антиќ без конкуренција и официјално е нов претседател на Македонската кошаркарска федерација!

0
98

Македонската кошарка доби нов предводник и тоа во најтрофејниот играч во историјата и носител на три европски круни, Перо Антиќ, кој доби поддршка на денешното Изборно Собрание на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) на кое беше единствен кандидат.

Досегашниот прв човек, Петар Наумоски, воопшто не влезе во трка по нов мандат, додека доцна синоќа од изборната трка се повлече спортскиот директор Владимир Темелковски. Порадо тоа, изборот на Антиќ мина неочекувано лесно и без никакви процедурални противења на какви што бевме навикнати во последно време. На Собранието право на глас имаа 26 клубови, здруженија и асоцијации, со тоа што спорни беа полномоштвата на судиите и делегатите односно на „баскеташите“ бидејќи, според Верификациската комисија тие не се валидни.

Антиќ, кој беше предложен од 15 членки,а поддржан од речиси сите, ќе биде деветтиот претседател на Куќата на кошарката, по Благоја Самакоски (1992-1993), Зоре Темелковски (1993-1997), Јордан Камчев (1997-1999), Горан Рафајловски (1999-2001), Леонид Гајдаџиев (2001-2004), Драгољуб Арсовски (2004-2005), Даниел Димевски (2005-2015) и Петар Наумоски (2015-2019).

Заедно со него на власт доаѓа речиси и целата генерација „Литванци“ односно соиграчи од репрезентацијата која во 2011 година го освои четвртото место на ЕП во Литванија. Прв соработник на Антиќ е Тодор Гечевски, а со него во тимот е и поранешниот кошаркар на Балкан Стил, МЗТ Скопје и Куманово, Владимир Георгиевски. Во комбинација за свое место во новата Федерација се уште и Ѓорѓи Чековски, Димитар Мираковски, Марин Докузовски…

Антиќ кошаркарската кариера ја почна во Работнички, а потоа преку АЕК, Црвена звезда, Лукоил Академик, Локомотив Кубан, Спартак Санкт Петербург стигна во Олимпијакос со кој освои две титули во Евролигата. Потоа стана прв Македонец во НБА настапувајќи две сезони во дресот на Атланта хокс, по што се врати во Фенербахче со кој третпат се искачи на европскиот врв. Последна играчка сезона му беше 2017/18 во дресот на Ц. Звезда.

Предминатото лето тој стана акционер и почесен претседател на Гостивар, чиј претставник беше на денешното Собрание.

 

 

 

 

извор: sport1.mk

Коментирај