Перински: Наместо да расне, просечната плата почна да паѓа со доаѓањето на неспособната влада на Заев

0
738

Економијата е пред колапс. Погрешните и неодговорни политики на Социјалдемократскиот сојуз почнаа да се одразуваат со негативни показатели, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Златко Перински на денешната прес-конференција.

-300.000 пензионери нема да го добијат планираното и најавено покачување на пензиите од 5%. Министерката Мила Царовска се обиде да ги изманипулира пензионерите дека пензиите ќе им пораснеле за преку 2.100 денари, но со септемвриската исплата ќе се уверат пензионерите дека пензиите ќе се зголемат за само 180 денари месечно, наспроти планираното зголемување од околу 650 денари, сума за која што ВМРО-ДПМНЕ во континуитет им ги зголемуваше пензиите на месечно ниво или околу 7.500 денари на годишно ниво, вели Перински.

Тој додава дека наместо да расне, просечната плата почна да паѓа со доаѓањето на неспособната влада на Зоран Заев.

-Државниот завод за статистика вчера соопшти дека има намалување на бруто и нето платата во јуни во однос на мај. Ова е прво намалување на бруто и нето платата на месечно ниво по подолг период. Нето платата во јуни во однос на мај 2017-та е намалена за 0.4 отсто, односно за 0.7 отсто ако се земе реалната нето плата со вкалкулирани трошоци за живот. Така ако во мај просечната нето плата изнесувала 22.889 денари во јуни истата изнесувала 22.808 денари. И кај просечната бруто плата има месечно намалување за 0,4% или 0,7% кај реалната бруто плата. Така ако просечната бруто плата изнесувала 33.640 денари во мај, во јуни таа е намалена на 33.509 денари, вели Перински.

Членот на ИК посочува денес сме сведоци и на други лоши информации. Се доцни со исплатата на паричниот надомест кој им следува на невработените лица.

-Корисниците на паричен надомест кои досега редовно добиваа исплата заклучно со 20-ти во месецот, овој месец се уште ги немаат добиено средствата. Тоа што е најтрагично, Социјалдемократскиот сојуз продолжува да најавува и турка политики кои се спротивни на интересите на граѓаните и ќе предизвикаат уште поголема штета. Функционери на Социјалдемократскиот сојуз најавуваат зголемување на  старосната граница за пензионирање, а продолжуваат да ја промовираат и идејата за зголемување на придонесите што директно ги загрозува компаниите, кои ќе мораат да плаќаат повисоки придонеси по работник. Има само два начини кои што можат да се справат компаниите со оваа штетна мерка. Едниот е со исплаќање на досегашните бруто плати, и намалени нето плати за онолку колку што ќе биде покачувањето на персоналниот данок, со што трошоците за компаниите ќе останат исти но ќе се намали заработката на вработените. Вториот случај е работодавачите да плаќаат повисоки придонеси и на работниците да им ја исплаќаат нето платата која претходно ја земале, со што ќе се зголемат трошоците во компаниите. Наместо средствата да ги вложат во развој и унапредување на производството ќе бидат принудени тие средства да ги депонираат во буџетот, нагласува Перински.

Со овие мерки , вели тој, на краток рок ќе се приберат повеќе средства во буџетот, но на долг рок многу негативно ќе влијаат врз целокупната економија. Компаниите ќе бидат принудени да ги покачат цените на своите услуги со што ќе станат помалку конкурентни на пазарот. Наместо да им се помогне со активни мерки за зголемување на конкурентноста се оптоваруваат со дополнителни издатоци за зголемување на придонесите за здравствено и пензиско осигурување.

-ВМРО-ДПМНЕ со одговорните политики во изминатиот период се грижеше за намалување на придонесите и другите трошоци кои ги имаат компаниите со  што овозможи истите да располагаат со повеќе средства кои ги вложуваа во отворање на нови работни места. Со ваквата политика на Социјалдемократскиот сојуз, компаниите ќе се борат да ги задржат вработените наместо да размислуваат за проширување на своите капацитети. Граѓаните знаат, а сега имаат прилика да почувствуваат како Социјалдемократскиот сојуз се грижи за нивните интереси и затоа на локалните избори избори ќе ја казнат Социјалдемократскиот сојуз за нејзините штетни политики, посочува Перински.

Коментирај