Отворено писмо во пресрет на посетата на Вес Мичел: Доста е од откажувања, со децении ги трпиме уцените и блокадите на Грчките радикали

0
200

Почитувани,

Ја поздравувам Балканската турнеја на новиот Американски Помошник Државен Секретар, Вес Мичел. Ме радува фактот што Македонија како и целиот Балкан остануваат во фокусот на нашиот најголем стратешки сојузник и покровител. Земајќи предвид дека ова е прв непосреден контакт на новоназначените функционери кои се дел од администрацијата на Претседателот на САД, Доналд Трамп со политичките претставници на Балканско тло, а во контекст на најавите дека и спорот за името меѓу Македонија и Грција ќе биде дел од агендата на Вес Мичел, сметам дека е продуктивно со отворено писмо наменето за оние чинители кои во моментот ги носат одлуките, јавно да им предочам неколку клучни определби кои треба да ги дефинираат нашите позиции во овој чувствителен период.

Релевантните политички фактори во Татковината треба да бидат свесни дека САД нема никаква намера да го смени досегашниот генерален курс на политики и мерки кои се во согласност со Специјалниот стратешко безбедносен билатерален договор од 2008 година, кој меѓу другото ја гарантира и нашата внатрешна стабилност и безбедност. Особено што се целосно свесни дека АРМ рамо до рамо со армиите на полноправните членки на НАТО Алијансата одамна е дел од коалицијата за борба против тероризмот во Авганистан, Ирак или во минатото и во Косово, како исполнување на мировните мисии на најмоќниот воено-политички сојуз.

Македонија сака да стане полноправен член на ЕУ и НАТО, но не по цена на откажување од Македонскиот национален идентитет. Доста е од откажувања! Ние со децении ги трпиме уцените и блокадите на Грчките радикали кои не отстапуваат ниту милиметар од своите ирационални позиции. Македонија потпиша Времена Спогодба, смени Устав и знаме, прифати срамна референца ПЈРМ заради влез во ООН, а Грција на Самитот на НАТО во 2008 и покрај заложбите на САД ни стави вето за поканата за полноправното членство во Алијансата. На 5 декември 2011 Меѓународниот Суд во Хаг ја осуди Грција со констатирање дека ја прекршила Времената Спогодба и го повредила меѓународното право. Она што е суштински важно дека Судот во Хаг пресуди дека во Македонскиот Устав нема одредби за иредентизам и дека Македонија има право да го користи своето Уставно име во рамките на меѓународните организации и во билатералните односи со Грција. Со ова паѓаат во вода сите барања на Павлопулос, Ципрас, Каменос, Мицотакис или Каменос за отстранување на некаков од нив измислен иредентизам во Македонскиот Устав.

Сервилната надворешна политика и најавите за попустливост на актуелната Влада треба да бидат напуштени веднаш. На Македонија и се потребни цврсти и одважни потези. Од САД треба да побараме итно и неодложно спроведување на пресудата на Судот во Хаг која ќе овозможи Македонија веднаш да добие покана за полноправно членство во НАТО. Не прифаќаме нови билатерални спогодби со Грција бидејќи претходната не се почитува од нивна страна. Доколку и после 10 години официјална Атина повторно игра контра заложбите на САД тогаш не преостанува ништо друго освен со поддршка на Претседателот Доналд Трамп да започнеме иницијатива во ООН за наше членство под Уставното име. Отфрлање на Резолуцијата 817 од Советот на Безбедност, усвојување на нова која ќе го следи примерот на стотиците Држави кои не признаа како Република Македонија.

МАКЕДОНИЈА Е, БИЛА И ЌЕ ОСТАНЕ МАКЕДОНИЈА!

БОГ ДА ЈА ЧУВА ТАТКОВИНАТА!

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Коментирај