Отворено писмо до Богац, Туфегџиќ, Боки 13, Сања директорица, Иванна и Павле – од врсничка и соборец

0
1431

Отворено писмо до Богац, Туфегџиќ, Боки 13, Сања директорица, Ивана Хаџиевска и Павле Богоевски – од врсничка и соборец

3 декември 2017 – 13:19

Веќе пола саат ги гледам патиките со кои истерав барем 50 протести. За Нешковски, за А1, за студентски пленум, за Шарена револуција, за СЈО. За митинзите на Заев и „Живот за сите”.

И, се осеќам некако бедно. Се осеќам искористено. Мизерно. Како предадена. Ми се скрши филмот, ми се скршија идеалите. Емотивно сум празна.

Искрено, не верував дека до ова ќе дојде. Барем не вака брзо. Бев спремна на разочарувања. Бев спремна дека ќе има проблеми и утки. Ама не мислев дека ова ќе се дешава. Не мислев дека од старт ќе се фати крив правец и дека секој ден ќе биде полошо.

Се осеќам како во 2011 или 2016 година. Сама себе се фаќам дека ја замразувам власта. Почнувам да ги мрзам бе. Седам дома пред компјутер и ме фаќа ретро. Истото ретро кога пред 5 – 6 години почнав да ги мразам претходните.

Полека почнувам да ги замразувам ликовите со кои до вчера ги делевме улиците. Ме нервираат во пакет, секој ден се’ повеќе. Ми се дига притисокот, зашто тие живот живеат, зашто станаа пратеници и пратенички, советници во влада, а јас морам и понатаму да барам 150 денари од мајка ми за да можам да искочам у град.

Зашто ги имаме истите години, истата возраст, а тие си ги средија животите. Тие се фаци и функционери, а каде сум јас? Мојот живот и понатаму е мизерија, без цел и со нервози. Се осеќам изневерено и предадено. Превара, која те боли го коска.

Имам 28 години и сеуште сум невработена. Чекај, стрпи се, рано е. Чекај стрпи се, нека поминат локалните избори. Да, све е тоа така, ама кога гледам кој се вработува и кој влегува во Влада и во министертва, ми се дига притисокот.

Го гледам Богац на билборди и ќе станува градоначалник на Карпош. Двајцата имаме 28 години, мислам дека е неколку месеци помлад од мене. Богац со 28 години ќе води општина, ќе земе некој од 5-те станови на мама и тато, а јас уште сум во истата детска соба кога имав 12 години.

Џигеров ме боли кога ќе се сетам колку му верував. Скандиравме, одевме, протестиравме. Ни викаше „Гази екипо”. Богац, екипата се умори, а ти не си истиот.

Најбољи другар ти стана Боки 13 и немате станато од ресторани, кафани и сепариња. Богац, јас немам 1.000 денари да оставам на ручек во Дион. Мене не ме части „куќата” и јас секаде морам да плата сметка.

Јас немам 1.000 евра за да му поклонам 1.000 ружи на Боки 13. Ми се гади од неговите Луј Витон, Гучи, Прада и Бурбери. Неговите патики вредат колку платата на мајка ми.

Тоа ли е социјалдемократија? Тоа ли е солидарност? Другари, лесно ви е вас да се заебавате со 1.000, 2.000 или 3.000 евра месечно. Јас тие пари ги немам ниту видено и мене би ми било срамота тие брендови и таа гардероба да ги постирам на Фејсбук.

И Ивана Туфегџиќ си го среди животот. Малата има 23 – 24 години и далеку догура. Цело време ни даваше фалби и благодарност. Активистите, активистите, активистите. Активистите ова, активистите она.

Ја гледам на Фејсбук дека отишла во Италија на конференција. Постира на Фејсбук, објавува, собира лајкови. Конференции, странски делегации, хотели, проекти.

А јас? Јас летово еднаш отидов на викенд до Дојран и еднаш отидов на викенд кај баба на село. И боли. Боли и корне кога ги гледам како соборците од „Шарена реовлуција” си ги средија животите, а јас сум сеуште во мојата животна пустина.

Им пишувам на Фејбук, не одговараат. Аплицирам на конкурси, не ме примаат. Ги застанувам у град, џабе. Брзаат, немаат време, шират рамења. Праќам CV, други примаат. Преку врски, преку пријатели, преку другари. Исто како #Ж. Све је исто, само њега нема.

Види со Кирацовски, он е главен кадровик. Он е генсек и може да заврши работа. И таму џабе. Кирац бутка свои луѓе и тоа тие е. Барај ги типовите што од НВО отидоа у влада, исто џабе.

И јас ли треба јавно да му пишувам на Заев како Нора Шакири? И јас ли треба така да молам? И Нора си го среди животот, влегла во Министерство за култура. Му пишувам на Алаѓозовски – џабе. Дечки, каде ви е системот? Каде се способните? Каде е процедурата? Каде се заслугите?

Они се средија и толку. Каде сме ние? Каде ви е солидарноста другари? Нели ви е греота за луѓе кои со едвај врзуваат крај со крај?

Ја барам Иванна Хаџиевска у кабинет кај Заев, исто џабе. Она е шефица, со протокол, премиери и претседатели. Јеби га, нема она време да се бави со ситна боранија како мене. Пола Струмица дојде во Скопје, ама немате место за вистинските борци и вистинските активисти.

А вп Струмица? Тотален хаос. Најмногу добија, најмногу функции и најмногу директорски места. И пак најмногу се караат. Лом се направиле, се поделиле на 5 фракции и го брукаат СДСМ. Таму само ги интересира да станат директори и да се вработат. Затоа очите си ги извадија. Јавно.

Цацко од К-15 со средно шумарско школо е советник во влада за кажување вицови, а јас со мојата магистратура ги мерам улициве. И сега ми викаат пак гласај. Ајде, битно е, секој глас е важен. Епа не може овој пат.

Другарчиња, сега нека ви гласаат тие кои ги вработивте. Нас не’ извисивте. Ние сме употребени и злоупотребени, а бие терајте си самите сега Шарена револуција, локални избори, митинзи на СДСМ и ослободување на општините.

Јас сум уморна. Уморна од вашите лаги. Уморна да ви пишувам пораки и маилови. Уморна сум да ве барам на работа, повашите кабинети и министерства. Уморна сум да ве застанувам по град, а вас не ви се прави муабет.

Уморна сум да ги правдам вашите глупости секој ден. Уморна сум да ќутам и молчам кога бебиња умираат секој ден. Уморна сум да доаѓам на вашиот протест за чист воздух, а вие сте министри во влада. Уморна сум да го правдам Рашковски. Уморна сум да гледам ПР фијаско секој втор ден.

Искористена сум од вашите тапкања по рамо. Поразена од вашата кадровска политика. Ги презирам вашите кадровски листи, СМС пораки, потсетувања на Вибер и праќање на биографии по атачмент. Џабе способнста, џабе магистратурата, кога немаш врски кај главните.

Го барав и Павле Богоевски ака Пајо. И он стана јака фаца. Си стана функционер со убава плата, со патни трошоци како Силванева. Пајо глуми скромност и уште е во џемпер, со ранец и со патики.

Но, Пајо тера младински политики, изиграва активист, а си лапна канцеларија и пратеничка плата од 1.000 или 1.500 евра. Дечки, тоа се 90.000 денари месечно или 3.000 денари дневно.

Еј, Павле има 3.000 денари дневно за трошење. Јас морам да се гребам од мајка ми. Во кафич нарачувам кисела вода или вода од чешма. Ако нарачам кафе, го пијам 2 саата. Се возам во автобус и немам за такси.

Имам 28 години, немам ниту еден ден работен стаж, а среќна сум кога ќе фатам некоја работа или тезга, па ќе земам 100 евра. Така се живее на 19 или 20 години, а не кога имаш 28 годинаи.

Ми кажаа дека за секое вработување мора да потпише Драган Тевдовски. Џабе и тоа. Пишав еднаш, втор пат, трет пат. Нема одговор. Се јавувам по телефон, ме шетаат по локали. Нешто е труло во државата Данска, нели министре?

Јас не сум убава како лепотицата од Фчерашни, па да бидам портпаролка во Финансии. Јас не сум директорица Сања Лукаревска, па со УЈП да палам и гасам по градов. Сања исто ја знам од протести и низ град, ама она сега е директорица, а јас сум и понатаму ништо, во истите патики и истите фармерки од преклани.

Ја сум обична девојка од Скопје, што сака да си го среди животот и немам намера да поминам нови 11 години со нови заебанции. Истата НВО екипа што сега е во Влада и околу Заев, дури и во опозиција живееја како бубрег во лој.

За нив немаше зима. Имаа грантови, проекти, фондови, меѓународни проекти со масни хонорари. Наместо да почекаат, сега тие беа првите кои си најдоа место во влада и си добија вработувања, со додатоци и членство по управни одбори на чело со Рашковски.

Да знаете, јас ќе продолжам да аплицирам. Ќе си го барам заслуженото. Ќе си го барам тоа што ми припаѓа според способноста и дипломите. Ќе ви се смешкам кога ќе се гледаме, зашто сеуште се надевам на тоа проклето вработување кое со години го чекам. Кое одамна сум го заслужила.

Проклето вработување, зашто сакам дома да се вратам со првата плата. Сакам дома да платам 2 или 3 сметки, зашто со месеци касниме да платиме вода и парно. Но, длабоко во себе почнав да ве презирам. Ве презирам, затоа што не сте истите луѓе. Ќе чекам, ќе аплицирам, ќе барам чаре уште некое време.

Ама ми поминува трпението и полека ми се собира гневот. Пука филмот, затоа што боли и пече. И, прашање на време е кога сето ова јавно ќе го напишам, со полно име и презиме, без запирки и загради, ѓубриња едни.

Ми се гади новата Фејсбук инквизиција, која ќе ти извади очи ако напишеш нешто против вас, против Заев или неговите. Ми се гади што повторно морам да ќутам, да подголтнувам, да се осеќам „неподобно”.

Ми се гади што мајка ми пак ме предупредува, ме смирува, ме пригушува. Немој јавно, нема да те вработат, тие се власт. Истиот филм како пред 3 – 4 години, само што сега се плашам од „моите”.

„Моите” влегоа во бизниси, за кои до вчера ги обвинувавме претходните. Јас не се гурав со полиција за Кочо Анѓушев да добива тендери, да направи нови 30 милиони евра или да купи ново порше или масерати. Кај „моите” Вице Заев стана главен фраер во Скопје, кој пали и гаси. Стана фаца чие име се шепоти.

Јас не мрзнев пред Собрание и не одев во сред лето пред Влада за Богац, Туфегџиќ, Сања директорица и Павле да изиграваат функционери, а Боки 13 да изиграва Мајка Тереза со Луј Витон ташни.

Не утепав 6 години по протести за Заев да се поздравува со убиецот на Мартин Нешковски. Кој ви дава право да ги ослободувате убијците на децата од Смилковско езеро? Ве гласавме за го амнестирате криминалот на ДУИ? Па ДУИ беше верна половина на режимот и сега за нив треба да аплаудираме?

Јас не сум гласачка машинерија за секои избори. Јас не сум топовско месо за вашите кариери. Јас не сум бројка, туку личност со име и презиме. Со свое достоинство. Со свои надежи и очекувања.

Јас сум личност со свој живот, кој цело време ми го ветуваат, а никако да дојде. Извинете дечки, ама за овие избори самите снаоѓајте се.

Кај вас гледам само егоизам и борба за функции. Главниот муабет е кој ќе биде директор, кој ќе биде во некој кабинет, кој ќе влезе во некое министерство, кој ќе ќари некој управен одбор.

За овие избори ќе ве казнам. Ќе ве казнам, зашто веќе сте летнати во облаци. Ќе ве казнам и нема да гласам, зашто ви треба жолт картон. Ќе ве казнам, зашто заслужувате да ви се одржи лекција. Ако излезам ќе го прешкртам ливчето или ќе гласам за Левица.

Јас сум емотивно празна. Со празни џебови и со празен живот. Вие имате плати, кариери, функции… Само за себе се борите. Само за себе работите. Оваа битка водете ја сами.

Без мене, лицемери едни.

Коментирај