ОМД: Рама се меша во внатрешните работи на Македонија

0
788

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) денеска преку соопштение реагира на средбата на премиерот на Албанија Еди Рама во Тирана со лидерите на албанските политички партии во Македонија и наведува дека станува збор за мешање во внатрешните работи на државата.

– Повикот на премиерот на Албанија Еди Рама кон лидерите на македонско-албанските политички партии во Тирана на состаноци е мешање во внатрешните работи на Македонија, се наведува во соопштението на ОМД.

Според ОМД, Рама е повеќе од добродојден да се среќава со албанското малцинство во Македонија, но, како што соопштува, „средба со нив само ден откако Државната изборна комисија ги објави резултатите, кои од некои политички партии се оспоруваат, вклучувајќи ги оние кои го застапуваат албанското малцинство, и на истиот ден, како што опозициската СДСМ најави силна опозиција на ВМРО-ДПМНЕ за формирање влада, ги поткопува добрососедските односи и се меша во внатрешните работи на Македонија“.

– Како историска и суверена татковина на Македонците и мултикултурна држава, Македонија дава еднакви човекови права на сите малцинства, вклучувајќи го и албанското малцинство, кое е потполно заштитено со Уставот на Република Македонија, се вели во соопштението од ОМД.

Нагласуваат дека Албанија може да биде голем пријател на Македонија, како и да го поддржат патот на Македонија во НАТО. Актот на премиерот Рама, потенцираат, едноставно не е воопшто дипломатски, туку спротивно, мешање во внатрешните работи на Македонија.

Коментирај