Олумчев до Иванов: Прекинете ги преговорите со Грција и побарајте од Заев да поднесе оставка

0
11146

Отворено писмо до Претседателот Иванов

Г-не Иванов

Го пишувам ова писмо до вас, после посетата на Грчкиот министер Коsиас на Македонија и посебно поради однесувањето на нашиот министер за надворешни работи Никола Димитров и актуелната влада, раководена од Зоран Заев.

Вие како Претседател на Република Македонија сте совршено свесни за позицијата во која се наоѓате и пред искушенијата на кои сте ставени, делумно и поради ваша вина (или на вашите советници). Ова се историски времиња за Македонија и Македонскиот народ и секој поединечно со сопственото однесување и донесени одлуки, ќе биде ставен пред судот кој го носи времето,ама и пред судот на Македонскиот народ. Знаете и сами дека за догледно време, одприлика 3-5 години, работите во државата ќе бидат онакви какви што ќе предизвикате вие како Претседател со сопствените одлуки кои ќе мора да ги донесете. Од вас зависи дали ќе му оставите доволно маневарски простор на Зоран Заев да го одработи она на што се има нафатено. Последниве неколку години покажаа дека партиските раководства на скоро сите политички партии се раководат од насоките кои ги добиваат од центри на глобалната моќ и практично со тоа одработуваат за туѓи гео стратегиски и гео политички интереси. На вас е да се издигнете над сето тоа и да се поставите како институција Претседател на Република Македонија, да се спротивставите на сите партиски математики и интереси, да го испочитувате и Уставот, а и заклетвата која ја имате дадено дека ќе ги браните и заштитите Македонските државни и национални интереси. Таа заклетва Г-не Иванов треба да ви биде приоритет и е над секој закон донесен од партиите во Македонското собрание, затоа што државата постои за народот, а не за 120 -мина наредени на партиските листи според заслуги и сервилност, ниту пак за оние кои се редат на листата на министри во Македонските влади. Вие сте Претседател на народот, а не на овие што ви ги спомнав.

Ви се обраќам јавно од неколку причини:

1) Проблемот со името

– Не знам и сам колку пати ве прозивав јавно пред насобран народ (чиј Претседател сте) да поднесете известување во ООН дека Република Македонија ги прекинува разговорите(преговорите) за името со Република Грција и да поднесете барање до Генералното Собрание при ООН изгласување со просто мнозинство од присутните земји членки на ООН за наше ПРОДОЛЖУВАЊЕ на членството во ООН како Република Македонија,( а не признавање ) како што многумина знаат да кажат, затоа што ние сме веќе признати и членка сме на ООН.

Постојат многу причини зошто тоа треба да го направите:

а) Според меѓународното право, спор за нечиј правен субјективитет не постои и според тоа Република Грција нема никакво право да ни го оспорува правниот субјективитет т.е. името на државата пред ООН и ваквиот чин представува директно кршење на повелбата на ООН. Нешто ,за што како потврда ја имате пресудата на Меѓународниот Суд во корист на Република Македонија во спорот со Република Грција.

б) Грчкиот парламент никогаш не ја ратификува спогодбата, за разлика од нашето Собрание кое истата ја има ратификувано. Да ве потсетам дека право на потпис на меѓународни договори според Уставот има само Претседателот на Република Македонија (член 118 и 119), а во случајот од 1995 кога е склучена Времената спогодба со Грција за почнување разговори за името, потписник е Стево Црвенковски, тогашен министер во Владата на РМ што по автоматизам овој договор го прави неважечки и ништовен.

в) Директно мешање на Република Грција во внатрешните работи на Република Македонија, што е недозволиво и покрај фактот што Република Македонија од осамостојувањето до денес никогаш се нема замешано во внатрешните работи на Република Грција.

Она, на што сакам да ви обрнам посебно внимание , се однесува на следново. Република Грција наметна пред нашата јавност, а и пред светската, лажна слика дека ние со Република Грција имаме спор или разлика за името и идентитетот, а истата е прифатена и во меѓународната заедница, односно во ООН. На нас е сега да покажеме дека измислениот таканаречен спор или разлика е беспредметмен, бидејки споровите за државни имиња не постојат, а референцата е нелегална. Со над 130 државни признанија Македонија мора да поднесе иницијатива да се стави на гласање Резолуцијата на ООН (во Генералното собрание на ООН) со која го продолжуваме членството во ООН како Република Македонија. Со тоа се става крај на проблемот со името и на самите преговори и за Уставното име на нашата држава еднаш засекогаш.

Онака како што се однесуваат во моментов Заев и Димитров, всушност е влетување на Република Македонија во грчка замка со која крајниот ефект е да се сами делегитимираме и да ни наметнат трајна референца со која што овојпат сами ќе се откажеме од сопственото име,а со тоа и идентитет како Македонци.

Вие како Претседател порано ги имате прифаќано сугестиите и препораките на Проф. Др. Игор Јанев, нешто од што се откажавте заради политички примеси и политикантскиот однос на раководствата на најголемите политички партии во Македонија. Да останевте на тој курс, веројатно денес немаше да бидеме во ваква состојба и пред вакви искушенија. Ова е момент кога треба да се издигнете над се и да го послушате гласот на Македонското во вас и да застанете зад државните и националните интереси до крај и без никаков компромис со никој ! Моментот е пред вас и искористете го да бидете херој на Македонија и Македонскиот народ. Дајте пример на сегашните и идните генерации дека Македонија е пред и над се и дека без Македонија остануваме едно големо ништо. Дајте пример и бидете симбол на борба за сопствената држава и народ !

Вие пред неколку дена се изјаснивте дека нема да го потпишете Законот за употреба на јазиците, бидејќи сте свесни дека директно задира во Уставот на РМ и кои ќе бидат далекусежните последици од тој истиот закон. Од тие причини, бидејќи за да му го доделите мандатот на Зоран Заев побаравте гаранции кои истиот ви ги достави во писмена форма во неколку точки, а кои истите комплетно ги прекрши, ве повикувам јавно, да го повикате Зоран Заев на разговор на кој ќе побарате од него да го одложи премиерскиот мандат на маса и да си поднесе оставка, заради неисполнување на обврските од даденото гарантно писмо до вас.

Вие сте во моментов институцијата која со два потега може да стави крај на кризата во Македонија и со тоа да ги заштитите нашите државни и национални интереси.

ЈАВНО ВЕ ПОВИКУВАМ

1. Прекинете ги преговорите со Република Грција и поднесете барање до Генералното Собрание на ООН (UNGA) да се испочитува Повелбата на ООН и со гласање со просто мнозинство, да го продолжиме членството во ООН онака како што сме запишани во Уставот, како Република Македонија. Проф. Игор Јанев и неговиот тим советници ви стојат на располагање во секој момент во името на Македонија и Македонскиот народ.

2. Повикајте го Зоран Заев на разговор на кој ќе побарате од него да го одложи мандатот и да си поднесе ОСТАВКА од Претседател на Владата на РМ, бидејќи ги прекрши сите точки од гарантното писмо, кое ви го достави пред да му го доделите мандатот за составување на влада.

Со ова ќе ставите крај на сите превирања во државата. Народот ви е на улица и секојдневно протестира. Сеуште имате кратко време да ставите крај на сето тоа и да не дозволите работите да одат во насока од која нема назад. Заколнати сте пред народот чиј претседател сте дека ќе ги браните националните и државни интереси на Република Македонија. Народот веќе не го интересираат партиските математики и калкулантско однесување за доаѓање на власт. На вас е да се издигнете над сето тоа во овие историски моменти и да го направите она, кое народот го сеуште го очекува од вас.

Да бидете Претседател на Република Македонија!

СеМакедонски Национален Совет – МАКЕДОНИУМ
Претседател: Страшко Олумчев

Коментирај