Одбраната на „Титаник“: Ова е „дно дна“- Законот за кривична постапка не важи за Јанева, СЈО е противуставно

0
1697

Сметам дека ова што денеска се случи е „дно дна“, рече адвокатот Еленко Миланов по рочиштето на предметот „Титаник“ кое го води Специјалното јавно обвинителство.

Според него, законите за кривична постапка не важат за специјалната обвинителка Катица Јанева, ниту никој од другите прописи.

-Сметам дека е апсурдна ситуација за демократијата и воопшто за правото во Македонија. Состојба која што не смее да се дозволи. Во однос на одлука за изземање на јавен обвинител може да одлучуваат само институции од Јавнообвинителската фела, или во конкретниот случај, за СЈО, Советот на јавни обвинители или Собранието, зашто тоа се единствените органи кои одговараат, рече Миланов.

Адвокатот Димитар Дангов, пак, вели дека денешната одлука на судот, според која, специјалната јавна обвинителка е надвор правниот систем, претставува уште една причина Законот за Специјалното јавно обвинителство да се прогласи за противуставен.

-Тоа е уште една причина Уставниот суд да постапува по поднесената иницијатива за уставноста или неуставноста на овој закон, рече Дангов.

Судечкиот совет го одби барањето на одбраната за изземање на специјалната обвинителка Катица Јанева во предметот „Титаник“. Според судијата Осман Шабани, ваквото барање е недозволиво.

За бранителите, оваа одлука на Советот е излегување надвор од рамките на ЗКП и се признава неприкосновеност на институцијата СЈО и личноста Катица Јанева.

Адвокатот Дангов бараше од судот решението со кое се одби барањето за изземање, да и се достави на одбраната во формално правна форма со право на жалба. Но, судијата Шабани го одби барањето.

Коментирај