Од денеска стартува проектот на Заев за поврат на ДДВ: „Со новата мерка граѓаните нема да можат ниту превозот да си го платат“ (АНАЛИЗА)

0
252

Од денеска стартува владиниот проект „Мој ДДВ“, со кој се предвидува поврат на ДДВ од 15 проценти.

Преку оваа мерка, според најавите на власта, на крајот на годината во семејниот буџет влегува уште еден доход плус, а државата враќа 50 милиони евра назад кај граѓаните.

За да добијат поврат на парите, граѓаните со телефонска апликација ќе треба да ги скенираат баркодовите на фискалните сметки кои ги добиваат при купување или користење на некоја услуга.

Сепак од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ова е уште една манипулација од страна на владата предводена од Зоран Заев.

Како што велат „Со новата мерка за поврат на ДДВ граѓаните нема да можат ни месечниот превоз да си го платат“

-Со мерката за поврат на ДДВ со која власта толку се фали, наместо ветените 30.000 денари, граѓаните максимално можат да добијат 1.872 денари во годината или само 156 денари месечно. Oваа ниска сума ја потврдуваат трошоците во потрошувачката кошничка на едно четиричлено семејство кое за да го помине месецот потребни му се 33.000 денари. Поголемиот дел на трошоци  кои им се неопходни на граѓаните не се со даночна стапка од 18%, туку се со 3, 5 или 6%, па така повратот на овие трошоци е уште помал. Според потрошувачката кошничка граѓаните трошат 42% од буџетот на исхрана, но од тоа може да земат само 104 денари месечно затоа што данокот е 5%, додека пак 31% од трошоците им одат за комунални трошоци кои не се даночат па така со 73% потрошен семеен буџет може да се земе поврат од само 104 денари. Со парите потрошени за хигиена, јавен превоз, лекови, облека и  културни активности граѓаните можат да добијат  уште приближно 52 денари. Така да стигнат до мизерни 156 денари на месечно ниво кои ништо не им значат за да ги покријат зголемените трошоци за живот кои драстично пораснаа изминативе две години, се вели во партиското соопштение.

Од опозициската партија истакнуваат дека Зоран Заев и СДСМ ветуваа дека со повратот на ДДВ граѓаните во годината ќе може да исплатат  кредит, да реновираат соба или да си платат годишен одмор. Но со овие средства кои реално би ги добило едно четиричлено семејство нема да може да си го плати ниту превозот, а камо ли да си дозволи да оди на годишен одмор.

Граѓаните кои се одважија да го кажат својот став пред камерата на ПресингТВ велат дека не гледаат многу фајде од најавената мерка за поврат на 15 отсто од платеното ДДВ.

Велат повратот ќе биде тежок, па дури и смешен за оние кои земаат просечна плата.

„Мал процент од луѓето во Македонија би го добиле тој поврат и тоа најбогатите. Сите оние кои прават мали суми мислам дека повратот на ДДВ-то би бил смешен“, изјави еден од анкетираните.

Колку ќе добијат домаќинствата од повратот на ДДВ?

Од анализата правена од страна на Finance Think, само најбогатите домаќинства кои годишно трошат 1, 2 милиони денари или околку 20 илјади евра ќе можат да си повратат една просечна плата со мерката Поврат на ДДВ. Најсиромашните домаќинства ќе вратат само 738 денари, покажа анализата на Фајнанс тинк.

Како што најавија на прес-конференцијата претседателот на владата Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевтовски и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, годишниот поврат на ДДВ кај сите домаќинства ќе изнесува 49.5 милиони евра.

Семејство чија потрошувачка кошничка месечно изнесува 32.670 денари ќе може да очекува поврат на ДДВ од 172 евра за една година.

Повратот на ДДВ ќе биде тешко за оние кои земаат просечна плата и уште потешко за оние кои земаат минимална плата.

Поврат на ДДВ

Најбогати домаќинства 450 евра

Просечно домаќинство 172 евра

Најсиромашни домаќинства 12 евра

Според последните податоци за декември лани, социјалната потрошувачка кошничка која се мери со просечната исплатена нето плата, изнесувала 32.670 денари. Пресметано на годишно ниво тоа значи дека четиричлено работничко семејство, кое нема автомобил, за исхрана и пијалоци, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура, одржување на здравје годишно троши по 392.040 денари (6.370 евра). Тоа семејство, преку сметките на државата ѝ плаќа ДДВ во износ од 1.146 евра. Според тоа, може да очекува поврат на ДДВ од 172 евра за една година.

Социјалната потрошувачка кошничка можат да ја покријат само семејствата со две просечни нето плати или со една просечна и една минимална плата. Семејствата со две минимални плати не се во можност без да се откажат од нешто да преживеат и со синдикалната потрошувачка кошничка. Според тоа, тие и најмалку ќе добијат од колачот што се вика поврат на ДДВ.

Просечна нето плата во земјава земаат околу 17 отсто од вработените, додека 75 отсто од нив земаат плати под државниот просек.

Пресметка од даночниот советник Павле Гацов

Даночниот советник Павле Гацов на својот Фејсбук профил даде пример како да пресметате колку треба да имате набавки за да ви се врати максимално дозволениот износ на ДДВ од 28.000 денари годишно.

Пресметка за ДДВ со 18%:

28.800 х 100 : 15 = 192.000
192.000 х 100 : 18 = 1.066.667 денари набавки за 1 година.
Проверка:
1.066.667 х 18% ДДВ = 192.000
192.000 х 15% = 28.800 ДДВ за враќање

Пресметка за ДДВ со 5%:

28.800 х 100 : 15 = 192.000
192.000 х 100 : 5 = 3.840.000 денари набавки за 1 година.
Проверка:
3.840.000 х 5% ДДВ = 192.000
192.000 х 15% = 28.800 ДДВ за враќање

Со оглед дека граѓаните ќе набавуваат добра и со 5% ДДВ и со 18% ДДВ, произлегува дека годишните набавки за да се постигне максимално дозволениот годишен поврат на ДДВ (28.800 денари) треба да се движи меѓу 1.066.667 и 3.840.000

Опцијата за максимално искористување на повратот е речиси невозможна поради предвидените лимити.

Пресметка на повратот од извршени набавки:
Вкупна набавка 20.000 денари
– од тоа 15.000 со 18% ДДВ = 2.288 (15.000 : 1,18 = 12.712 х 18%)
– 5.000 со 5% ДДВ = 238 (5.000 : 1,05 = 4.762 х 5%)
Вкупно ДДВ = 2.288 + 238 = 2.526 денари
Поврат 15% ДДВ = 379 денари

Извор:Курир

Коментирај