Обвинителство, суд и полиција, трагедија во три чина

0
335

Случајот со приведувањето и притворот за Митко Чавков ја засили сензитивноста на јавноста за постоењето на „црната дупка“ која ја голта правдата во Македонија, го игнорира и модифицира системот според желбите и потребите на политичките елити и политизираните експоненти во судската власт во Македонија. Најеклатантен пример за тоа е притворањето по трети пат на поранешниот министер за внатрешни и шеф на БЈБ Митко Чавков. Еве што се случуваше во неговиот случај.
Улогата на полицијата – рекла-казала
Одреден полицаец, припадник на единицата Алфи, прави „службена белешка“ дека извршил разговор со одрден извор, човек кој наводно бил близок до Чавков и кој му кажал на полицаецот дека наводно Чавков се подготвувал да избега во Грција, каде што наводно имал вила на Халкидики.

Полицаецот од единицата „Алфи“ ја предава белешката до МВР, од каде што се проследува во Јавното обвинителство.

mitko-chavkov-gordana-jankuloska-vilma-ruskoska
Не бегал до сега, сега ќе бега?!
Чавков беше во притвор во КПУ Скопје-Скопје (Шутка) од 27 ноември 2017 до 25 март 2018 кога Врховниот суд ја преиначи мерката во куќен притвор. Ден подоцна на 27 март Обвинителството го поднесе обвинителниот акт и побара повторно затворски притвор за Чавков, а судот го одобри. Чавков собра имот во вредност од 600.000 евра и го понуди како гаранција за да се брани од слобода, што беше прифатено и од 30 април 2018 година тој беше пуштен од Шутка, се јавуваше на суд секој вторник и му беше одземен пасошот.

Судењето за 27 април започна на 22 август 2018 година. Се одржаа околу 60 рочишта, а Чавков не пропушти ниту едно ниту поради здравствени причини, а како човек кој има неколку бајпаси сигурно можел доколку сакал да не дојде барем на едно од рочиштата кои често траеа по 12-13 часа, а се одржуваа 3-4 дена неделно. За споредба, во случајот за Диво Насеље, рочишта имаше максимум 2 пати неделно и траеја 4-5 часа.

Чавков, исто така, не побара ни амнестија, а блиски до него велат дека тоа го сторил затоа што знаел дека нема да ја добие, бидејќи беше убеден дека судот под политичко влијание решил да го осуди многу високо. Сепак, неколку месеци по процесот на амнестијата, Чавков секој вторник се јавувал на суд, уредно како што му било наложено при прифаќањето на гаранцијата. Дополнително, во случај да избега, судот би го конфискувал заложениот имот, семеен имот на негови најблиски роднини, со што тие би останале на улица. Чавков би избегал од земјата без пасош туку само според приказната на непроверен наводен извор на еден полицаец, ако воопшто таков и постои.

27-april-sobranie-nemiri-27-04-2017-19-740x493-19-640x403
Дали некој кој бега раскажува по луѓе?
Наместо да ја провери информацијата, МВР ја проследува до Обвинителство. Со ова МВР се амнестира од одговорност и ја префрла сета одговорност кон Обвинителството и судот. Размислувањето на МВР е „ние дознавме, не ни е проверено, а вие како сакате“. Но, работата веројатно не е толку наивна и ОЈО и судот добро знаат „како сакаат“, бидејќи сите индиции за оваа срамна епизода укажуваат на тоа.

Меѓутоа, на работ на здравата логика ќе остане верувањето и на МВР и на обвинителката Рускоска и на судијката Васка Николовска-Масевска, која го определи притворот, дека некој кој е на слобода речиси цела година ќе избега на два дена пред изрекување на пресудата, особено што Чавков де факто знае дека ќе биде осуден, не само поради односот на судот кон предметот и кон него лично, не само поради односот на одредени бакшиш-новинари кои сиот гнев на јавноста го насочија кон него за да ја натераат јавноста да бара „крв“ бидејќи „не му дигнал телефон на МИНИСТЕРОТ Нухиу“, за кого нема никаква одговорност, не само поради насочувањето на гневот и од страна на премиерот кој рече дека „ако би бил тој Чавков, би заминал од Македонија“ туку и поради фалењата „каде ќе стигне“ од еден од главните судии во предметот дека „Чавков ќе го осуди многу јако“, како што пренесуваат сведоци.

Ако Судот поверувал на една нелогична непроверена белешка и определил притвор без никаков грам разум и запазување процедура, споредено со тоа, информацијата дека еден од судиите се фалел со „сечење глава“ на Чавков е најсигурната информација во светот.

Но, за МВР, Обвинителство и судот, веродостојна е дезинформацијата дека Чавков ќе бега, иако дополнително покрај досега кажаното за гаранциите, пасошот и неговото поведение, нема никаква логика некој кој би планирал бегство да раскажува по луѓе што ќе стори.
Каде ќе бега?
„Во куќата која ја имал на Халкидики“ – таква приказна смислил изворот на полицаецот кој во службена белешка запишал што наводно слушнал. Ниту некој прашал или проверил дали Чавкови имаат куќа на Халкидики, ниту размислил дали човекот би бегал иако имал цела година за тоа, ниту пак се потрудил да праша. Институциите си ја префрлаат одговорноста со најбедни изговори, отворено цртајќи ја Црната дупка која ја голта македонската правда, трагедијата во три чина или бермудскиот триаголник во кој тоне вербата во правда во државата – МВР-ОЈО-СУД. Сите под најогромен најоснован сомнеж за политичко влијание, односно делување.

Дека е тоа така говорат и реакциите на интелектуалците и експертите од областа. Еден професор Калајџиев вели дека „ова е преседан, за прв пат се бара притвор пред пресуда“, не можејќи да ја сокрие запрепастеноста од своите довчерашни шарени соборци, меѓу кои предничи Вилма Рускоска.

Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска вели дека „не ѝ е гајле за Чавков кого не го ни познава, туку ѝ е гајле за правдата и правната процедура“ – која и според неа овде е еклатантно прекршена.

Новинарот Саше Димовски, кој со години го следи судството, пишува дека ваквата одлука е скандалозна, и тој едро повторувајќи дека „не му е гајле за Чавков, туку за правдата“, но и потсетува дека со правење вакви преседани, кога „колцето ќе се заврти…“, ќе биде многу проблематично за сегашните каубојци кои апсат по волја, заобиколувајќи закон, префрлајќи си одговорност.
Каде лежи зајакот?
Во гостувањето на „Само вистина“ премиерот Заев рече дека ѝ паднал рејтингот на Владата, за што меѓудругото го посочи чувството на граѓаните дека нема правда поради парцијалните амнестии за 27 април, за кои тој, меѓу другото рече: „Знаеме сите дека нема тероризам, зар Дурловски да лежи 20 години за пеење химна?“ во периодот кога требаше да ја одоброволи својата гласачка машинерија, пред т.н. помирување (за промена на името).

Меѓутоа, останува неодговорено прашањето дали премиерот знаел дека нема тероризам и кога жестоко на прес-конференции, по емисии и во разни изјави, тој и неговите соработници 10.000 пати повторуваа дека „сите ќе си лежат, дека тероризмот ќе биде казнет“, после што граѓаните си создадоа очекувања дека тоа ќе биде така? Како што сите очекуваат дека Чавков ќе биде осуден на 20 години, поради што од првиот момент е одбран, заедно со Јане Ченто и Игор Југ, како еден од главните виновници за настанот, иако судската постапка не убеди ниту едно објективно око во неговата/нивната вина ЗА делото за кое што се товарат?

И конечно, знае ли премиерот дека рејтингот ќе продолжи да паѓа, после ваквите срамни трагични епизоди во кои се апси и се притвора како во времето на Политбирото, кога пред својот дом во Прилеп бил уапсен дедото на Јане Ченто, Методија Андонов-Ченто, како што сведочи неговата ќерќа, а било пријавено дека го апселе во обид да избега во Грција?

И самиот Јане Ченто беше вратен во Шутка откако наводно полицијата не го нашла дома после контрола на куќниот притвор, иако безбедносните камери кои ги објавија од семејството на Ченто покажуваат дека Јане во времето кога „не бил дома“ – е дома и пие кафе во дворот во својата куќа!
Службени белешки на срамот
Слична епизода со злоупотреба и фалсификат на службените белешки имаше и во моментите кога власта сакаше да ја задоволи жедта за крв на своите најтврди поддржувачи после заминувањето на Никола Груевски за Будимпешта. Два дена по тој настан, беа притворени Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, кои дотогаш во повеќето случаи во кои се инволвирани редовно се појавувале на суд и се потпишувале секоја недела дека се тука, според определените мерки. Тогаш фамозна службена белешка соопшти дека наводно двајцата имале средбисо претседателот на државата Ѓорге Иванов, на кои наводно барале амнестија и биле одбиени поради што планирале да избегаат од Македонија. Ова категорично го демантираше самиот Иванов, кој прво соопшти дека такви разговори ниту се воделе, ниту некој барал амнестија, појаснувајќи дека со Кирил Божиновски воопшто не се ни видел, а со Јанакиески имал средби на кои дискутирале за политичката состојба во земјата и начини за нејзиното релаксирање.

Сепак, истиот судија кој го притвори Чавков, тогаш одлучи да бидат притворени и Јанакиески и Божиновски, патем копирајќи го решението за притвор за Јанакиески и за Божиновски, што беше дополнителен срам во кој јавноста доби впечаток дека „од брзање по секоја цена да ги притворат, не ни гледале што пишуваат и за кого го пишуваат тоа“. Истиот принцип сега беше употребен и за Чавков. Се појавува фамозна службена белешка со некаква информација, истата не се проверува, туку веднаш се притвораат луѓе.
‘Рѓосаниот механизам на „правдата“
Да се потсетиме уште еднаш како функционира овој механизам. Полицаец изготвува белешка со непроверена информација и ја проследува до МВР. МВР не ја проверува, ја проследува до Обвинителство. Вилма Рускоска не ја проверува, туку вели „немавме време да правиме истрага и побаравме притвор, но судот тоа го прифати“, префрлајќи одговорност кон МВР и Судот. Судијката Васка Николовска-Масевска ја прифаќа службената белешка бидејќи „Обвинителството сметало дека е релевантна“.

protest-sudenje-patrioti-3-wm-740x555-640x480

За веродостојноста на службената белешка вели Оливер Спасовски вели „За сите детали да се обратите кон Обвинителство и суд, тие побараа и овозможија притвор, ние само пративме белешка“.

Така, секој орган префрла вина на другите две страни во случајот, а епилогот е еклатантно кршење на процедурата, притворање луѓе без основ и дополнително корумпирање на процесите во кои се луѓето – ако досега имаше основани сомнежи дека се работи за политички мотивирани процеси, после ваквите гестови сомнежите се претвараат во убеденост.

За споредба, како би изгледал овој механизам на ваша кожа – на пример, некој полициски службеник може да напише дека од разговор со ваш познат дознал дека вие, кои го читате текстот, се подготвувате за да ја ограбите народната банка на Република Македонија. МВР тоа ќе го проследи до обвинителство без да го провери, кое ќе рече дека нема време да спроведува истрага туку ќе побара притвор бидејќи грабеж на банка е сериозен криминал, а судот ќе рече дека според барањето на обвинителството и службената белешка, мора да пресуди притвор, бидејќи им верува на МВР и ОЈО. Трагедија во три чина. Жртва? Вашата слобода и – правдата.
Каде избега правдата?
По заминувањето на Груевски, имаше сличен тенис во три насоки околу одговорноста на институциите, сите префрлајќи ја одговорноста на другите „инволвирани“. Во овој случај, се повторува истиот тростран пинг-понг, нема избеган човек, но е избегано чувството дека има правда и дека овие луѓе во овие институции имаат капацитет за истата да ја спроведат. Прашањето денес не е колку години ќе го осудат Чавков, процесот за 27 април е корумпиран од почеток до крај, од начинот на апсење на пратеници со имунитет, преку изживување преку фотографирање на притворениците, до обвинителниот акт за дело „терористичко загрозување на уставен поредок“, до злоупотреба на медиуми за „перење на обвинението“, до 14-часовните судски рочишта по 4 пати неделно (Диво Насеље беше судено два пати неделно по 5 саати), до притворањето на 5 луѓе по втор пат, после само еден ден надвор од Шутка, до… бескрајно е долга листата на повреди на постапката, за која нема правник кој не рекол дека ќе падне во Стразбур, ако претходно ги преживее Апелација и Врховен. Прашањето е каде е правдата во Македонија? Избега или е проголтана од црна дупка?

Извор:republika.mk

Коментирај