Нулата од германските инвеститори за Анѓушев е патоказ за подобрување

0
497

Итен состанок одржа утрово економскиот тим во Владата на кој присуствуваше и директорот на Делегацијата на германското стопанство, Патрик Мартенс, откако вчера беа соопштени резултатите од редовната анкета спроведена меѓу компаниите на германските инвеститори во земјава во која, меѓу другото, беше дадена оценка нула на посветеноста на Владата на економијата, пишува Плус Инфо.

Ние ја чувствуваме Владата како партнер. Дискутиравме за анализата со вицепремиерот Кочо Анѓушев и се договоривме заедно да работиме на отстранување на негативните работи кои влијаеја бизнисмените да дадат вакви оценки за бизнис климата,рече Мартенс.

Тој повтори дека меѓу германските компании има голем интерес за инвестирање во земјава поради пазарот и добрата работна сила.

Големи автомобилски компании се заинтересирани за инвестирање во Македонија, но за нив е потребно да се обезбеди високостручен кадар и на тоа треба да се работи – рече Мартенс.

Тој, меѓутоа, рече дека не треба да се разочаруваме како земја, ако некој од инвеститорите не се определи да инвестира во земјава бидејќи во ист момент ги разгледува понудите што му ги даваат конкурентските земји.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека анализата на анкетата меѓу германските бизнисмени е патоказ за подобрување на работењето на економските ресори во Владата.

Јасно го согледавме она што е кажано во анализата и ќе работиме на отстранување на причините кои довеле до таквото мислење на компаниите. Тие сакаат попредвидлива политика во економијата, реформа на даночниот систем, минимална плата и бараат царинските процедури да се усогласат со европските. Посебно позитивно е оценет законот за финансирање на инвестициите,рече Анѓушев.

Според него, мошне позитивни се податоците кои укажуваат дека 78 отсто од компаниите се подготвени да инвестираат и годинава, 41 отсто од нив дека ќе го зголемат извозот, 39 отсто ќе го зголемат бројот на вработени.

Анѓушев информира и дека секој квартал економскиот тим на владата има средба со германските инвеститори, а наредната ќе биде во проширен состав и со учество на премиерот Зоран Заев.

Извор:lider.mk

Коментирај