Нови археолошки локалитети откриени во делчевско

0
277

Седум нови археолошки локалитети кои треба да ја раскажат приказната за Пајонците во Брегалничкиот регион, открија во Делчевско младите археолози од Факултетот за археологија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип кои деновиве под водство на професорот Трајче Нацев вршеа истражувања во Делчевско во рамките на проектот „Панонија во Брегалничкот басен“.

Професорот Нацев истакна дека проектот, кој беше започнат пред три години од кои две години се работело на локалитети во Малешевијата, завршува со истражувањата во Пијанец при што изминатиов месец целосно се поминале локалитетите поврзани со пајонската култура во Пијанец.

– Целта ни е да ги утврдиме локациите кои имаат поврзаност со пајонската култура и сакаме наредната година да извршиме сондажни арехолошки истражувања со цел да се утврдат податоците за постоење на пајонската култура во Пијанечко. Ние изминатиов месец на територијата на Делчево поминавме 10-ина населени места и карактеристични области и при тоа откривме 7 нови археолошки локалитети кои досега не се впишани во археолошката карта на Македонија. Би ги споменал новите локалитети во градот Делчево каде имаме еден локалитет, потоа во Стамер каде имаме два, во Киселица, исто така два, како и во Стар Истевник, исто така, со два локалитети, рече Нацев.

Тој додаде дека хронолошки и културно, периодот на пајонската држава и нејзиниот најголем подем до освојувањето од Македонија во средината на 4 век п.н.е., во археолошката наука се совпаѓа со развиеното Железно време од 8 – 6 век п.н.е.

-Тоа е период на големи утврдени населби со развиена урбана структура, карактеристична за пајонските градови. Една таква порака за животот на Пајонците испратиле и наодите ископани пред 15 години покрај црквата во делчевски Град. Тогаш извадовме лачна фимбула, спирална белегзија, масивна белегзија на која краевите и се разминуваат и едно бронзено копче. Доколку проектот го одобри Минситерството за култура ние до година, планираме повторно да дојдеме на овој локалитет и да направиме една сонда покрај темелите на црквата Св. Ѓорѓи во селото Град, покрај јужниот периметрален ѕид на црквата со цел да видиме дали се работи само за случаен наод или, пак, пред да биде изградена црквата на ова место постоела могила која припаѓа на периодотна железното време, односно во периодот од 8 до 6 век п.н.е, истакна Нацев.

Според професорот Нацев, проектот има и едукативна цел, односно преку него се ангажираат сите студенти од групата археологија при Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип, каде ја извршуваат практичната настава по археологија. Методолошки, истражувањата ќе се одвиваат по фази, по пат на рекогносцирање и сондажни ископувања за да се добијат податоци за хронологијата од најраните фази на живот до прекинот на егзистирање, како и културата на Пајонците преку движните наоди.

Коментирај