НОВА СНЕЖНА НЕДЕЛА: Врнежите ќе продолжат, температурите ќе останат под нулата

0
326

Пообилни врнежи се очекуваат в среда кон крајот на денот и во текот на ноќта кон четврток, особено во јужните делови. Овие врнежи ќе предизвикаат зголемување на снежната покривка на повисоките места и на планините.

Со нов бран снежни врнежи почна оваа недела и, според најавите од УХМР, истите ќе продолжат и ќе се интензивираат во среда и четврток, кога се очекува значително да се зголеми снежната покривка особено во јужните и западните делови од земјава. Температурите и натаму ќе останат под или околу нулата. Во моментов времето е облачно и студено, во поголем дел од земјата со врнежи од снег. Без врнежи е во североисточниот дел од земјата, информира УХМР.

Најстудено утрово е во Берово каде што се измерени -12 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Десет степени под нулата се измерени во Маврово и Лазарополе, -8 во Струмица, -7 во Скопје (мерна станица Петровец) и Крива Паланка, -6 во Тетово, Тополчани и Крушево, -5 во Пожаране и Куманово, -4 во Скопје,  Штип и Ѓуриште, -3 во Виница  и Претор, -2 во Битола, Охрид и  Демир Капија, 0 степени во Гевгелија и 1 степен во Дојран.

Највисока снежна покривка од 66 сантиметри утрово е измерена во Лазарополе, 54 см во Маврово, 31 во Пожаране,  22 во Ѓуриште, 18 во Крушево, Берово и Дебар, 16 сантиметри во Тетово, 11 во Крива Паланка и Струмица, 9 во Битола и Тополчани, 7 во Куманово, 4 во  Виница, 3 во Скопје и 1 сантиметар во Претор, Демир Капија, Охрид и Дојран.

Поради интензитетот на врнежите од осум часот утрово е воведена забрана за сообраќај за тешки товарни возила на планинскиот превој Плетвар од превентивни причини, соопшти Автомотосојузот на Македонија. Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по претежно влажни коловози, наместа со остатоци од снег на коловозот. Патниот правец Македонски Брод – село Здуње на кој гравитираат 11 села не е прооден за секаков вид сообраќај.

Пообилни врнежи се очекуваат в среда кон крајот на денот и во текот на ноќта кон четврток, особено во јужните делови. Овие врнежи ќе предизвикаат зголемување на снежната покривка на повисоките места и на планините. Дневната температура ќе биде без поголеми промени и ќе биде во интервал од -3 до 4 степени.

Врнежите се очекува да престанат во петок, за кога се прогнозира да настапи стабилно и суво време со благ пораст на дневната температура.

Коментирај