Ништо од плата за специјализантите во август – Филипче ветува пари од септември

0
438

И по три месеци работа, приватните специјализанти велат дека нема ни трага од платите кои им следуваат. Работат со пациенти и дежураат без да добијат денар.

„Ние го бараме истиот паричен надомест кој го добија нашите колеги – приватни специјализанти од претходните години затоа што ние ја вршиме истата работа. Младите лекари не бегаат од државата, тие се принудени на тоа“, вели Симона Сапунџија – специјализантка

Во отворено писмо до премиерот Зоран Заев специјализантите прашуваат зошто Владата, а пред се  премиерот ги оставаат  младите доктори без никаков паричен надоместок и  бараат да го остварат ветеното.

„Ве замолуваме најодговорно да се држите до она што го ветивте пред целата јавност, а тоа е да ги исплатите заостанатите плати од месец мај 2018 година за приватните специјализанти од јануарскиот конкурс годинава и тоа најдоцна до крајот на месец август 2018!“ се вели во писмото до Премиерот

Откако прво соопштија дека се прават напори да се изнајдат средства за исплата, по еден час од министерството излегоа со ново соопштение во кое тврдат дека средствата се обезбедни. Од кабинетот на Филипче велат дека очекуваат специјализантите да земат плата од септември и тоа ретроактивно.

„Средствата на специјализантите ќе бидат исплатени ретроактивно односно од моментот кога министерството се заложи и вети дека ќе ја започне исплатата, поточно од месец јуни 2018 год. Оперативно, исплатата ќе започне веднаш штом се завршат процедурите помеѓу ФЗОМ и Клиниките на кои специјализираат приватните специјализанти, односно во најбрз можен рок“ се вели во соопштението на министерството.

Ова е вторпат Владата и надлежното министерство да ветува решение во конкретен рок. Пред точно три месеци Министерот за здравство Венко Филипче пред специјализантите вети дека ќе почнат да добиваат плата од јуни. Плата за специјализантите вети и премиерот Зоран Заев на панел дискусијата која се одржа во јуни.

„Од месец јуни ќе се исплати мајската плата како што земаат и другите специјализанти, а дополнително работиме и на решавање на другите ваши барања“, вели Венко Филипче – Министер за здравство (11.05.2018 )

„Знам дека промените веќе ги чувствувате. Специјализантите кои се пријавиле на конкурсите пред почетокот на оваа година, вклучувајќи ги и кофинансираните, веќе добиваат плата. А од овој месец плата ќе добиваат и оние од вас кои се пријавиле на конкурсот во јануари годинава“, вели  Зоран Заев – Премиер на Р.М.

Оваа група приватни специјализанти остана надвор од листата со другите специјализанти за кои беше одобрена исплата, бидејќи Министерството немало увид колку нови специјализанти ќе се јават на јануарскиот конкурс.

Извор: taratur.mk

Коментирај