Николоски: Промената на името е срам и понижување, какви што светската историја не памети!

0
335

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во својата колумна за Независен, е убеден дека, доколку се одржат предвремени парламентарни избори, власта ќе се промени, а новата и способна влада на ВМРО-ДПМНЕ, ќе испорача реформи и Македонија ќе го заслужи своето место во ЕУ.

Николоски во колумната повтори дека пратениците со промената на името го обезличија македонскиот национален идентитет, а тој ден, 11 јануари, ќе остане запаметен како еден од најцрните денови во историјата на македонскиот народ и држава.

– На тој ден 81 пратеник во Собранието на Република Македонија, луѓе избрани од народот токму него да го претставуваат, без согласност на истиот тој народ кој ги избирал, гласаа да се смени името на државата и да се обезличи македонскиот национален идентитет. Срам и понижување, какви што светската историја не памети! – напиша потретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој констатира дека Собранието во овој состав нема никаков кредибилитет, ниту легитимитет, бидејќи пратениците ја изиграа волјата на граѓаните. Прво затоа што никој од тие 81 пратеник, без разлика од која партија е или од која националност, не вети на претходните избори дека ќе гласа за промена на Уставот со цел промена на уставното име. А второ, додава Николоски, дека референдумот организиран по ова прашање пропадна бидејќи тивкото мнозинство граѓани решија со останување дома да кажат „не“ на промената на името на Македонија.

Поради газењето на народната волја, ВМРО-ДПМНЕ одлучиле да побараат предвремени парламентарни избори заедно со претседателските.

-Едноставно е – народот треба да добие шанса овој пат гласно да каже што мисли за промената на името на државата, тивкото мнозинство од минатогодишниот референдум да стане гласно мнозинство кое јасно ќе каже „не“ на промената на името со промената на власта на Заев, Димитров, Шекеринска, Анѓушев и останатите. Само едно такво изјаснување ќе може да даде вистински легитимитет каде и како треба да се движи државата.– напиша Николоски и додаде дека дополнително на тоа се надоврзуваат економските прашања, како и сите останати кои се важни за животот на граѓаните.

Николоски додава дека власта на Заев ја манипулира јавноста со поддршката на меѓународната заедница и протнува приказни дека претседателските избори се однапред добиени за СДСМ.

-Во исто време, манипулираат со овие приказни, ги пуштаат помеѓу населението со две цели – првата голем број луѓе да се демотивираат и да не излезат да гласаат затоа што ќе мислат дека однапред е се договорено; и второ, затоа што навистина во одредени средини ќе го прават тоа, очекувајќи граѓаните да не ги пријавуваат изборните нерегуларности, а институциите да не реагираат. Ние сме свесни и знаеме на што се подготвени СДСМ и Заев. Многу добро се покажале досега, а „најсветол“ пример е последниот референдум кога во одредени средини се гласало на секои две секунди. Исто така, ние сме свесни дека СДСМ гради перцепции за поддршка од меѓународната заедница која нема никаква врска со реалноста, но најдобар начин сето ова да се превенира и спречи се парламентарни избори. Затоа што со парламентарни избори власта не може да се заканува на луѓето – или гласај за мојот кандидат за претседател или утре не доаѓај на работа, не може на парламентарни избори со техничка влада да дели пари и поткупува гласачи или да полни кутии. – напиша Николоски.

Според него, Владата не работи и не испорачува реформи, зошто секоја реформа значи простор помалку за злоупотреба на власта.

-Евентуални предвремени парламентарни избори ќе помогнат на Македонија да почне преговори со ЕУ, затоа што ќе се промени власта, ќе дојде нова и способна влада на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе испорача реформи и ќе го заслужи своето место во ЕУ.– напиша Николоски.

Целата колумна можете да ја прочитате ТУКА.

Извор:Лидер.мк

Коментирај