Николоски: Мијалков е дел од едно неславно минато, а каков е односот на СДСМ кон владеењето на Црвенковски?

0
428

Во интервју за МКД.мк потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ има силен механизам на внатрешно прочистување, кој секогаш кога ѝ е најтешко на партијата, го користи, собира сили да оди напред посилно и реформирано.

-Тоа се случи и минатата година и резултатите од тие потези ги гледаме веќе на овие претседателски избори, а ќе ги видиме и на следните предвремени парламентарни избори, вели Николоски.

На прашањето дали новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја врати партијата во позиција повторно да се бори за освојување на власта, Николоски вели:

–Во овие година и четири месеци откако ја водиме ВМРО-ДПМНЕ, во партијата се случи целосно преструктурирање и кадровско, а и концепциско. Препознавме добри работи од минатото и нив ги надградивме и ги продолжуваме, а препознавме и грешки и нив ги исправаме. Ја отворивме партијата и на централно ниво и на во општинските комитети за сите кои се незадоволни од власта на Заев. Понудивме нов кадровски потенцијал на сите нивоа. Имаме програма која нуди решенија за клучните маки на луѓето. И конечно избравме кандидат за претседател во кој се препознаваат поголем број општествени групации. Сето ова резултираше со најдобриот резултат на претседателски избори во прв круг кој го имал кандидат на ВМРО-ДПМНЕ кога во државата се одржуваат само претседателски избори. Убеден дека ќе резултира со победа на Гордана Сиљановска-Давкова во вториот круг. Таа победа ќе биде вовед во предвремени парламентарни избори. Затоа што по поразот Заев и неговата влада ќе си одат. Се надевам на брзи предвремени избори на кои ќе победиме и ќе можеме да се зафатиме со работа да покажеме што знаеме и да ја извадиме државата на правиот колосек.

Зошто претставници на новото раководство во своите изјави се толку воздржани во однос на корупцијата и криминалот на поединци од претходното партиско раководство, Николоски одговара дека ако има докази дека некој е корумпиран и има криминал, ако има такви докази секој треба да одговара, а партијата не смее да биде заштитник.

Каква е оценката на ИК на ВМРО-ДПМНЕ за владеењето со партијата и со државата на братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков?

–Во време на владите на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2016 имаше многу добри работи, секако имаше и лоши работи и грешки. Поради грешките се оди во опозиција и партијата сега е во опозиција. Секогаш опозицијата е здрава за една политичка партија да погледне кон себе да се преиспита да научи од грешките да ги поправи, да понуди нови концепти и да оди напред. Тој период е минато, добрите пракси како што кажав ќе се продолжат и надградат, лошите ќе се променат. Сега клучното прашање е каква е Владата на Заев? Наш став е дека е тоа најлошата Влада во историја на државата. Влада која национално ја понижи Македонија и македонскиот народ како доминантен во неа, Влада која економски ја пустоши Македонија, која нема визија за иднината.

Затоа на изборите кои се за два дена секој еден ја има одлуката во свои раце дали сака да продолжи Заев и неговиот неспособен тим да ја уништува и обезличува Македонија, да ја ограбува и обезименува или сака да даде шанса на Гордана да се бори транзицијата да заврши, фигурите од транзиционото минато да заминат и да се изградат конечно новите институции врз демократски основи, да се бори за македонското име, да се бори за сузбивање на корупција, за редовни и повисоки пензии, за достоинство на земјоделците, за пониски даноци за фриленсерите и ИТ индустријата, за пониски даноци за малите и средни претпријатија, за поддршка во странство за нивниот извоз и наоѓање нови пазари, да се бори за младите да ја видат својата иднина овде, докторите да се задоволни и да не заминуваат, текстилните работнички да ги добијат своите права, да се бори за правда за сите. Секој треба да одлучи дали ќе го продолжи политичкиот век на Заев или неговата влада ќе падне веќе на 6 мај.

Мијалков успеа да го обезбеди мнозинството во Собранието за уставните измени и за промена на името на државата. Колкава е сѐ уште неговата моќ внатре во партијата?

– Моќ во партијата нема затоа што и не е член на ВМРО-ДПМНЕ. Минатата година после срамната уставна измена за промена на името на Македонија во Собранието, Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ направи анализа и ги исклучи оние кои гласаа за ова уставна измена како и оној кој им помагаше или поттикнуваше да го направат тоа. Така што тие луѓе се дел од едно неславно минато. ВМРО-ДПМНЕ има силен механизам на внатрешно прочистување кој секогаш кога и е најтешко на партијата го користи, собира сили да оди напред посилно и реформирано. Тоа се случи и минатата година и резултатите од тие потези ги гледаме веќе на овие претседателски избори, а ќе ги видиме и на следните предвремени парламентарни избори. Од друга страна никогаш не сум го видел СДСМ да направи ваков чекор, никогаш не погледнале кон себе, никогаш не дале став за владеењето на Бранко Црвенковски на пример, па легитимно е да им се постави прашањето кој е нивниот однос кон владеењето на Бранко Црвенковски и сите зла кои ѝ ги нанесе на Македонија,вели Николоски.

Целото интервју прочитајте го на МКД.мк

Извор:лидер.мк

Коментирај