Ние во 90-те учевме од оваа книга, а не од Гугл како денешните деца

0
87

Денешните деца сите информации кои им се потребни, ги бараат на интернет. Ретко читаат. Често играат видео-игри. Немаат книга која им е света, со која заспиваат, книга од која не се одделуваат.

Кога ќе си го вратам филмот, мило ми е што бев дете пред времето на технологијата, таблетите, смарт – телефоните, гејмерските конзоли. Плачев за шарените книги во излозите, го молев дедо ми да ми ги купи сите тие книги. Заспивав со книгите, се будев со книгите. И иако како дете немав компјутер и интерент си имав Гугл. Да, да, сериозна сум. Двојазичен беше, едната верзија беше на српско-хрватски, другата на македонски јазик. Мојот гугл беше енциклопедијата 1000 Зошто 1000 Затоа.

Кога ќе се вратев од училиште, едвај чекав да се сместам во фотелјата и да започнам со читање. Со часови читав, ја разлистував таа книга, впивав нови работи, купишта информации. Знаев како настанл пеницилинот, кој ја открил Америка, каде живеат најбрзите животни, зошто златото е скапо, кој прв носел накит, кој е Грахам Бел, зошто киваме или зеваме, кој ги основал Олимписките игри…

Пред неколку години, кога подарив дел   од детските книги на моите внуци, жал ми беше да се разделам од мојот Гугл. Таа е единствената книга од моето детство која сè уште стои на мојата работна маса и никогаш нема да доживее да биде спакована во картонска кутија. Таа е книгата која ја отворам секогаш кога сакам да одморам од светот, од политички вести, здодевни луѓе… И секогаш ме носи на едно интересно и возбудливо патување, откривајќи ми нови работи и работи кои сум ги подзаборавила.

Посакувам сите денешни родители да им најдат по една веризја од книгата на своите деца. Да им создадат љубов да читаат. Да ги остават да истражуваат. Да им ги прошират хоризонтите. Да дознаат како ние сме стигале до информации пред ерата на интернетот. Да се вљубат во буквите на парче хартија

 

Коментирај