Не сте параноични, вашите паметни телефони навистина ве шпионираат – ЕВЕ КАКО?!

0
68

Ако во вашето друштво имате барем еден пријател кој верува во теории на заговори, веројатно веќе ве има предупредено дека „смартфонот“ кој го носите со вас го следи и го снима секој ваш чекор, секој ваш збор и сè што правите додека го имате со вас гаџетот.

А веројатно и самите се имате најдено во ситуација, откако некому онака попатно, низ разговор, сте му споменале некој производ или услуга, истите тие Фејсбук при првото ваше логирање да ви ги понуди во спонзорираните огласи или линкови, кои дотогаш никогаш не ви се појавиле на вашиот „тајмлајн“. Случајност или не?

И додека таквите размислувања до неодамна делуваа како плод на параноичен ум, најновите истражувања покажуваат дека не се работи за неосновани стравувања и муабети за следење и „прислушување“.

Истражувачите од Универзитетот Нортвестерн од Бостон направија едногодишно истражување обидувајќи се да утврдат дали нашите паметни телефони ги „снимаат“ нашите разговори за да им го олеснат таргетирањето на огласувачите на комерцијални производи.

За среќа, истражувачкиот тим не најде цврсти докази кои ја потврдуваат таа теорија, но наидоа на други вознемирувачки информации. Вашите телефони не ве прислушуваат, но ве набљудуваат и следат. Студијата потврди дека апликациите кои ги имаме на нашите „смартфони“ ги снимаат активностите од екраните и ги праќаат до трета страна. Дополнителен проблем е тоа дека тие снимки често содржат и приватни информации.

Истражувачите тестираа 17.260 популарни апликации за Android од кои многу се во сопствеништво на Фејсбук, а од нив дури 8.000 податоците директно ги праќаат до Фејсбук. Студијата покажа дека повеќе од половина апликации кои ги тестирале имаат дозвола за пристап до камерата и микрофонот од паметниот телефон, што значи дека истите можат да ги активираат во секој момент кога апликацијата е отворена.

Научниците користеа систем кој им помогна да остварат интеракција со апликациите и да ги забележат сите податоци кои се испраќаа преку нив, со посебен акцент на податоците кои се праќани на трета страна. Токму во текот на потрагата за аудио податоци почнале да забележуваат „скриншотови“ и видео снимки кои одредени апликации ги испраќаат.

Кога еден од телефоните, за време на истражувањето, ја користел апликацијата GoPuff (за достава на храна), информациите разменети меѓу уредот и апликацијата се пратени до трета страна, поточно, домејн поврзан со компанијата за анализа на податоци Appsee. На снимката која е испратена до компанијата биле видливи и лични податоци од сопственикот на телефонот.

КОЈ Е ВИНОВЕН?

Да нема забуни, Appsee во овој конкретен случај не е проблематичен. Уште повеќе, тие се прилично јасни околу тоа со што се занимаваат и какви информации собираат. Но, порачуваат дека проблемот е во тоа што корисниците на апликацијата GoPuff не се јасно предупредени и известени дека тие податоци ќе завршат во рацете на Appsee. Од GoPuff, пак, порачуваат дека додале посебен дел во кој ги предупредуваат корисниците дека Appsee ќе има пристап до нивните податоци.

На кратко, Appsee го обвинува GoPuff тврдејќи дека ја злоупотребуваат нивната технологија и дека во истиот миг тие ги уништуваат собраните приватни податоци, бидејќи тоа не е она со кое тие се занимаваат, а GoPuff се обидува да си го измие образот со нови „крпеници“.

Она што е битно за корисниците е заклучокот од истражувачите кои тврдат дека, имајќи во предвид дека истражувањата ги правеле автоматски системи, а не луѓе, не може со апсолутна сигурност да се утврди дека нашите уреди нам и не нè прислушуваат.

Проблемот е во тоа дека автоматизираните системи не ги користат апликациите на ист начин како и луѓето и дека постои можност во текот на прегледите на информациите да пропуштиле случаи во кои се испратени аудио податоци или такви во кои апликациите ги транскрибирале податоците пред истите да бидат пратени на трета страна.

„Не најдовме докази дека некој тајно ги снима вашите разговори. Она што луѓето не го разбираат е дека постојат многу други начини некој да ги следи вашите секојдневни активности, а тие начини не вклучуваат камери или микрофони, но на некоја трета страна им даваат прилично јасна слика за вас“, вели еден од авторите на истражувањето, Дејвид Кофнес.

Значи, постојат можности нашите телефони да бидат прислушувани и снимани. Но, во светот во кој приватноста има сè пониска цена, сета оваа приказна можеби поминува незабележано.

Извор: Таратур

Коментирај