Наумовски: ЕУ да додели датум, властите да испорачаат резултати

0
259

Македонија има јасна европска перспектива и сега е важно ЕУ да одреди датум за почеток на преговорите. Пожелно е тие да започнат што е можно побрзо. Ова во интервју за бугарската агенција “БГНЕС“ го изјави поранешниот вицепремиер за европски прашања и поранешен амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски.

-Сега Македонија мора да продолжи со сите реформи со цел да ги задоволи европските стандарди, кои се неопходни за напредок на нашата држава, вели Наумовски, додавајќи дека приоритетни области се независноста на правосудството, борбата со корупцијата и организираниот криминал, реформата на администрацијата и реформата на безбедносните служби.

“Без резултати во овие процеси Република Македонија тешко ќе напредува на овој пат. Верувам дека сите во државата се свесни колку е значајно да се продолжи со реформите и да се покажат конкретни резултати. Доколку останеме само на декларативни заложби, без конкретни резултати, ЕУ многу тешко ќе го верификува тоа. Тоа е процес којшто треба да биде инклузивен, да вклучи што е можно повеќе општествени чинители, да се постигне широк политички консензус, и сите искуства од државите коишто биле во овој процес претходно да бидат искористени и на нашиот пат“.

Според Наумовски, одредени внатрешни случувања во ЕУ и во нејзините држави-членки не одат во прилог на проширувањето, но верува дека членките ќе смогнат сили да направат исчекор во таа насока, имајќи го предвид значењето на регионот за комплетирање на европскиот проект, како и фактот дека првата препорака за почеток на преговорите е дадена уште во 2009 година.

“Доколку и понатаму се одржува ова статус-кво без почеток на преговорите, тоа ќе има последици во македонското општество, ќе ја зголеми фрустрацијата меѓу македонските граѓани, и ќе ја намали мотивираноста на институциите да продолжат да работат на исполнување на европските критериуми“ вели тој, додавајќи дека Македонија треба да биде вреднувана согласно нејзиниот индивидуален напредок.

Извор:Курир.мк

Коментирај