Нацев: ЈO мора да почне да си ја врши функцијата и да престане да биде инструмент на Заев за политичка пресметка

0
519

Правдата не е правда, доколку е селективна. Јавното обвинителство мора да почне да си ја врши функцијата и да престане да биде инструмент на Зоран Заев за политичка пресметка. Јавното обвинителство замижува пред криминалот на власта, а без никаква основа се монтираат обвиненија и се инсистира на притвори за сите кои не ги делат истите политички убедувања со Зоран Заев.

До каде е истрагата со двајцата владини функционери фатени во корупција? Како Заев ги знаеше деталите?

Од каде кај соработникот на Оливер Спасовски информации за посебните истражни мерки? Кој му ги дал? Дали само заради Спасовски Јавното обвинителство мора да глуми дека тој нема да ги злоупотреби и другите информации што ги има?

Ова се само некои од случаите каде што се гледа дека не важат истите критериуми за сите граѓани. Ако Јавното обвинителство мижи, јавноста гледа.

Последен е скандалот во министерството за внатрешни работи. Медиумите ги потврдија информациите дека Оливер Спасовски без тендер доделил милион евра на фирма од неговото Куманово која е партиски донатор на СДСМ. Ќе повторам, не илјада или две илјади евра, туку милион евра за набавка на возила без тендер.

Што треба да се случи за Јавното обвинителство да се заинтересира за овој скандал? Не ли му е барем малку сомнително на Јавното обвинителство тоа што возилата Шкода се набавуваат од фирмата Де Лукс Ауто, а не од овластениот увозник за Шкода во Македонија? Го интересира ли Јавното обвинителство колку Шкоди се набавени и по која цена ?

Еве мала помош. МВР се пофали дека набавило 40 шкоди. Доколку било кој обвинител отиде во салонот на генералниот импортер во Скопје или ја отвори интернет страната ќе види дека основната верзија на Шкода Октавија чини околу 15.000 евра. Веројатно доколку би купил 10 шкоди би добил попуст. Доколку купи 40 шкоди и за нив плати одеднаш, попустот сигурно би бил уште поголем и целата набавка би чинела и помалку од 500.000 евра, но не треба да се шпекулира туку Јавниот обвинител треба да покаже сериозна грижа околу тоа каде завршија милион евра и зошто токму таму?

Ќе се трудиме и понатаму на овој начин, преку јавно допрен глас да му помогнеме на јавниот обвинител да ги отвори очите и да го види тоа што го гледа и домашната и меѓународната јавност. Македонија тоне во криминал. Добро би било Јавниот обвинител да провери дали фирмата од Куманово добивала и други бизниси од локалната власт и каква е поврзаноста со партиските донации во СДСМ.

Криминалот и корупцијата на новата власт ја заковаа Македонија на дното на листата на Транспаренси Интернешнл. Одговорност за тоа има и Јавното обвинителство кое нема храброст да ги испитува сомнителните договори на актуелната власт. Тоа мора да се промени и ќе се промени.

Интегрален текст од прес-конференцијата на Александар Нацев

Коментирај