Наместо луѓе гледаш брендови: Маичката нека биде со поголем знак да се гледа од кафичот од спротива

0
78

Саботно утро, лабаво и релаксирано.  Улиците во Скопје се празни, но во неколку кафулиња не се наоѓа слободно место. Убаво е Скопје во сабота, луѓето се расположени и опуштени.

Наеднаш гледаш пред кафулињата во Дебар Маало коли од 50 илјади евра,  шарена слика од BOSS, Calvin Klein, Filip Phlein, Emporio Armani и сл.  Наместо луѓе гледаш брендови и марки.  Наместо насмеани ликови, гледаш наочари од 200 евра кои ги покриваат ликовите на младите луѓе. Што сакаме да скриеме? Сопствената несреќа? Или пак сакаме да ставиме маска дека сме нешто поразлично од реалното?

Зошто го расипавме градот? Преку ноќ станавме село во кое главни се луѓето со кренати крагњи и брендирани маички кои се шверцувани преку граница.

Убав е и овој скопски живот по кафулињата, но дружбата преку ден и навечер е сведена на трка: кој поскапо ќе се облече, кој повеќе на себе ќе има брендови и кој повеќе пари ќе покаже.   Муабетите ретко почнуваат со „што има?“ и „како си?“,  дискусијата е сведена на тоа дали бев на првиот крак минатиот викенд кај што се плажите и шемата или на вториот крак каде што е лабаво и каде можеш да уживаш во зајдисонцето или па тие од најката шема кои викендите ги тераат на плажите во Ибица.

За жал станавме жртви на марките и парите. Возиме скапи коли, а живееме ефтини животи кои немаат суштина.  Нема веќе релаксиран и опуштен мубает, се е сведено на пари.  Новите генерации се тркаат кој повеќе пари има, а не кој е попаметен и повеќе вложил со образование.

До кога вака?

Извор: Скопјеинфо.мк

Коментирај