На Мухиќ „му се избистри“ – се премисли и ќе гласа за уставни измени

0
304

Независниот пратеник од пратеничката група на владејачката коалиција предводена од СДСМ, Ферид Мухиќ, изјави дека, откако убаво размислил му се „избистриле некои работи“, ќе гласа за уставните измени.

Тој во својот говор зборуваше за три дилеми: Дали Владата и Собранието имаат легитимитет да предложат уставни измени, дали Договорот е добар или лош и која е пораката од референдумот.

Мухиќ рече дека Владата има апсолутен легитимитет да предлага уставни измени за промена на уставното име и тој легитимитет, како што рече е наследен од првата влада на независна Македонија која ги почнала преговорите.

„Преговара оној кој е подготвен да го смени името. Ако не сме биле подготвени, сме требале да ги прекинеме преговорите“, рече Мухиќ.

Во однос на Договорот, Мухиќ рече дека, иако е „лош и горчлив, подобар Договор не може да има“.

„Секоја варијанта била сто пати разгледана од наша страна. И ако оваа Влада не го потпишеше, тоа ќе мораше да го направи друга влада, ако сакаме влез во НАТО и ЕУ“, рече тој.

За референдумот Мухиќ праша: „Дали слушнавме милион и двесте илајди граѓани да кажат не? Не слушнавме ништо. Само го слушнавме гласот на оние кои беа „за“ и затоа прашувам: Дали овој молк може да ги задуши 90 проценти „за“?

Мухиќ рече дека иако овој Договор „е без преседан, бидејќи Македонија е единствена држава принудена да преговара за своето име, овој Договор води кон живот, не кон смрт“.

„Со ова ја менуваме капата, но не и главата која ќе остане иста. Идентитетото не може да биде загрозен“, рече Мухиќ.

Извор:taratur.mk

Коментирај