МЗТ Скопје Аеродром го претрпе петтиот пораз во седмиот натпревар од АБА лигата

0
239

МЗТ Скопје Аеродром го претрпе петтиот пораз во седмиот натпревар од АБА лигата и покажа дека се наоѓа во резултатска криза. Тренерот Александар Тодоров верува дека тимот има сили да се извлече од тешката ситуација.

– Покажавме уште еднаш дека не можеме да играме 30. минути една би ја нарекол, млака кошарка, а потоа со некој напор во последната четвртина да се обидеме да стигнеме. Тоа ни се случи неколку пати. Посебно на некои натпревари од домашното првенство. Сепак, Мега е многу посериозна екипа. И независно што дојдовме на пет поени негатива, единствено што можам да сум задоволен се само тие пет минути од четвртата четвртина. Изгубивме од директен конкурент, меѓутоа, сами се доведовме во оваа ситуација, и сами ќе се извлечеме од оваа ситуација, рече Тодоров на прес-конференцијата по синоќешниот пораз од Мега (76:92).

Капитенот Дамјан Стојановски очекува во скоро време клубот повторно да победува.

– Прво многу лошо го почнавме натпреварот. Не ги испочитувавме голем дел од работите кои ни ги кажа Тодоров. Дозволивме да се разиграат, а потоа беше тешко да се вратиме. После тоа ја контролираа играта. Пробавме да ги стигнеме, на двапати бевме на пет разлика, но примивме тројки. Сега сме во една лоша ситуација, во криза во која сами влеговме и ќе мора да излеземе што побрзо, Дамјан Стојановски.

Во следното коло МЗТ Скопје Аеродром гостува во Љубљана кај Олимпија на 12 ноември.

Коментирај